Британскиот комичар Расел Бренд e осуден на 10 години и шест месеци затвор, откако беше прогласен за виновен за силување на една жена и сексуален напад врз уште три жени, дела извршени пред околу две децении.
Бренд, поранешен сопруг на американската поп-пејачка Кети Пери и холивудска ѕвезда што во последните години се оддалечи од мејнстрим сцената, во четвртокот беше прогласен за виновен за силување на една жена и сексуални напади врз уште три жени, во периодот од 2004 до 2009 година. Тој ги негираше сите обвиненија.
Во судницата на Кралскиот суд во Саутворк во Лондон, судијата Џоел Бенатан му ја изрече казната од 10 години и шест месеци затвор. Судијата рече дека 51-годишниот Бренд ќе отслужи две третини од казната во затвор, пред да биде пуштен на условна слобода.
Бенатан му рекол на Бренд дека бил сексуален предатор кој верувал дека „славата значи дека можеш да се однесуваш како што сакаш, кога сакаш, без да бидеш ограничен од правилата според кои живеат пристојните луѓе“.
Пред да биде одведен во ќелиите од затворските службеници, Бренд со усните ѝ покажал на сопругата „Те сакам“.
Претходно, една од жртвите на Бренд, која тој ја силувал во 2009 година, во изјавата прочитана од обвинителите рекла дека траумата од нападот е „нешто што го носам со себе секој ден и честопати ми се чини дека никогаш нема да заврши“.
Адвокатот на Бренд, Ијан Винтер, изјавил дека неговиот клиент, кој отворено зборувал за закрепнувањето од зависноста од алкохол и дрога, како и за новооткриената христијанска вера, денес е „суштински поинаква личност и таков е веќе многу долго време“.
Лондонската Метрополитен полиција соопшти дека Бренд е под истрага и за уште две наводни силувања, од кои едното се однесува на девојка која во тоа време имала 16 години. Шефот на полицијата во петокот изјави дека „не би бил изненаден доколку се јават уште многу други лица“.
Бренд негираше дека некогаш имал сексуални односи без согласност. Тој беше ослободен од обвиненијата за уште две силувања и еден обид за непристоен напад.
