Министерството за правда го достави на Европската комисија на мислење новиот предлог за Кривичен законик и Предлог-законот за кривична постапка, во рамките на реформата на кривичното законодавство и неговото усогласување со европските стандарди. Според Министерството, новиот Кривичен законик се подготвува по три децении и, заедно со новиот закон за кривична постапка, има за цел поефикасна борба против криминалот и корупцијата, поправедни судски постапки и подобра заштита на граѓаните.
„Реформата не се состои само во донесување нови закони, туку и во нивна примена и конкретни резултати за граѓаните. Целта е создавање правна рамка што овозможува ефикасни истраги, еднаква примена на законот и одговорност без исклучоци“, порача Министерство за правда.
Подготовката на новиот Кривичен законик започна во 2019 година, додека работната група, предводена од академикот Владо Камбовски, спроведе консултации со институциите, судството, академската заедница и граѓанското општество. Во предлогот се вклучени 33 директиви на ЕУ и разгледани се над 50 мислења и предлози.
„Новиот Закон за кривична постапка беше подготвен од експертска група од 25 членови, предводена од професорката Гордана Лажетиќ. Текстот беше завршен во октомври 2026 година и предвидува усогласување со 25 европски директиви и стандарди. Измените опфаќаат конфискација на имот, финансиски истраги, електронски докази, заштита на жртвите и можност за одржување рочишта на далечина“, вели Министерство за правда.
Во подготовката на двата предлог-закона придонесоа и меѓународните партнери, особено Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Министерството очекува реформата да донесе конкретни резултати преку поефикасни истраги, поеднакво правосудство и поголема правна сигурност за граѓаните.
