Британскиот сој ги преполни болниците – мерки сега, за да не бидеме затворени за Велигден и Бајрам

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Што сега ќе се промени со мерките кога се наоѓаме во период на најсилниот бран, бидејќи пред една недела и министерот Филипче но и здравствените власти уверуваа дека нема потреба од засилени мерки. Претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски вели дека тогаш имало до илјада случаи дневно и состојбата се менаџираше, но се покажало дека британскиот сој е многу поопасен, полесно се шири, а и лекувањето е многу подолго, со што може да предизвика многу полоша состојба од сегашната.

„Британскиот сој или некој друг сој кој што веќе во Македонија циркулира, а веднаш да ви речам мутации се забележани и кај нас, се разликува од оној сој кој што е дијагностициран пред 6 месеци или пред 8 месеци. Кај овој, дали е променет начинот на трансмисија – да забрзано е. Дали имавме толку тешки форми и толку заболувања, хоспитализации и умрени лица пред две недели, вклучително и во ноември. Апсолутно е различно“, истакна Жарко Караџовски.

Заменик министерот Илир Хасани вели дека сега се носат вакви мерки за претстојните празници да се поминат, како што вели тој, помирно.

„Најдени сме пред два избора. Или ќе ограничиме пост, или пак ќе се затвораме за Бајрам и за Велигден. Требаше да бираме помеѓу овие две опции. Ако не носиме одлуки со сигурност ќе се соочиме со затворање и за Бајрам и за Велигден. Се надеваме дека тоа нема да се случи и се надеваме дека големите верски празници ќе ги поминеме без вакви големи ограничувања“, вели Илир Хасани.

Мерките се преземаат откако повеќе од десетина дена бројките на заболени секојдневно се над илјада лица, почнавме да броиме и по 50-ина починати, а и бројот на хоспитализирани е многу голем.