Инфицираните лица со британски сој на коронавирус ги имаат истите симптоми, еден кој што прави разлика е пореткото губење на вкус и мирис, покажува британско истражување, а пренесува Ројтерс.
Од клиниката „Жан Митрев“ каде што беше откриен овој мутиран вирус, велат дека најверојатно ќе стане подоминантен.
„До сега се детектирани илјадници мутации на коронавирусот и најголем дел од нив се неутрални немаат никаков ефект. Некои го ослабнуваат вирусот и тој излегува од пулот на вируси, некои ги променуваат особеностите на вирусот.“, вели Кунгуловски.
Доктор Кунгуловски вели оваа мутација се пренесува побрзо, односно доколку претходно се заразувале 10, сега ќе се заразат 17. Додава дека новиот сој според последните студии без да се крева паника има благо е зголемена смртноста за 30 отсто.
„Не сакаме да креваме паника, има некои индикатори дека благо е зголемена и смртноста за 30 отсто. Но, за тоа да стане факт треба подетални студии кои ќе бидат рецензирани од експерти за да се излезе со таа информација.“, рече Кунгуловски.
Сè уште во тек се испитувањата кои пак ќе треба да покажат дали 24-те заразени медицински лица на Нефрологија го имаат новиот сој на вирусот.
Опозицијата пак вели дека здравствените власти се без компас, нема вакцини, ама има британски сој.
„Владата е без компас! Министерот и премиерот не знаат какви се видови на вируси има! Додека сите држави во светот се во трка за вакцина повеќе, тука вакцините не се ни на повидок. Граѓаните секојдневно сведочат само на лагите како вакцини ќе има на крај на декември, почеток на јануари, па во февруари. А, фактот е еден – вакцини нема.“, изјави Олга Лозановска од ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку во епидемиолошката анкета, 46 годишниот скопјанец кај кој е детектиран новиот сој, не навел дека имал контакти, ниту пак дека патувал од државата.
Во лабораторитијата на „Жан Митрев“ се анализираат и дополнителни податоци по земен брис, по што за два дена ќе се знае дали и кај други пациенти вирусот бил присутен.
