Бродот „МВ Хондиус“, чии патници и екипаж се изолирани поради ширењето на хантавирусот, денес тргна кон шпанскиот остров Тенерифе.
Се очекува бродот да пристигне на Канарските Острови во сабота, а евакуацијата на патниците е планирана за почетокот на следната недела. Според местата за следење на поморскиот сообраќај, бродот го напуштил Капо Верде во четврток.
„Сите патници ќе останат на бродот до пристигнувањето на авионот за репатријација“, соопшти шпанското Министерство за внатрешни работи. Бродот треба да се закотви во пристаништето Гранадиља на Тенерифе, и покрај противењето на локалните власти.
„Ќе се воспостави заеднички систем за проценка на здравствената состојба и евакуација за враќање на сите патници во нивните матични земји, освен ако нивната здравствена состојба не го дозволува тоа“, објави шпанската министерка за здравство Моника Гарсија Гомез.
Земјите-членки на ЕУ се обврзани да се грижат за своите граѓани, со можна помош од Европската комисија, а подготовките за евакуација на патниците надвор од Европа сè уште се во тек, пренесува Франс Прес.
На бродот, кој превезува граѓани од 23 различни земји, се донесени уште тројца здравствени работници. Според Светската здравствена организација (СЗО) и „Оушнвајд“, три лица – двајца болни членови на екипажот и еден близок контакт – се евакуирани од бродот и пренесени со авион од градот Праја во Капо Верде. Пациентите ќе бидат лекувани во болници во Холандија, Германија и Шпанија.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, изјави дека не верува оти ситуацијата е слична на онаа на почетокот на пандемијата Ковид-19. Според него, ризикот за остатокот од светот во моментов е низок. Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC) проценува дека сè уште има многу неизвесности околу епидемијата и повикува на претпазливост за да се намали веројатноста за понатамошно пренесување.
Вирусот откриен кај еден од патниците евакуирани во Јужноафриканската Република може да се пренесува од човек на човек, потврди јужноафриканскиот министер за здравство.
