Бројни сообраќајни незгоди на „Благоја Тоска“ – Општина Тетово: На крајот од месецов поставување семафори

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Раскрсницата на булеварот Благоја Тоска и натаму е една од најопасните во Тетово. На оваа раскрсница што е пуштена во употреба пред една година нема семафори, а податоците велат дека само оваа година се случиле 24 незгоди.

-На подрачје на Полициска станица Тетово, поточно на ул.„Благоја Тоска“ во Тетово (кружни текови и крстосници поврзани со улицата) во текот во 2024 година регистрирани се вкупно 24 сообраќајни незгоди, од кои 19 со телесни повреди, а останатите 5 сообраќајни незгоди се со материјална штета. Во незгодите со повреди се здобиле 38 лица. Во текот на оваа година во сообраќајни незгоди на ул.„Благоја Тоска“ нема загинати лица“, велат од СВР Тетово.

Од општина Тетово велат дека тендерот за поставување семафори е завршен, а следната недела се очекува компанијата што го доби тендерот, да започне со работа.

-Постапката за тендер за Благоја Тоска заврши, избрана е компанија која ќе го реализира тоа, тоа е компанијата Електрософт, која минатава недела имаше средба и е решено на крајот на месецов да се започне со работа и за таа постапка потребни се околу 5-6 месеци и за тоа е единствена во РМВ што реализира вакви проекти, затоа веруваме дека е прашање на денови кога ќе започнат работите на булеварот Благоја Тоска“, изјави Бесарта Рамадани, портпаролка на Општина Тетово.

Од општината за сообраќајните незгоди го обвинуваат СВР Тетово за невршење контроли бидејќи, како што велат овде има сообраќајни знаци.

-Сигнализација е поставена хоризонтална, треба и вертикална, исто така треба да има надзор од СВР Тетово, да излегуваат почесто ма терен барем да ги минимализираат сообраќајните незгоди кои се многу чести во оваа зона-рече Рамадани.

Кога беше пуштен во употреба булеварот Благоја Тоска, од СВР Тетово обвинија дека општината го презела тој чекор без нивно одобрение поради непоставена сигнализација, а од општината тогаш рекоа дека на овој булевар има поставено сообраќајни знаци. Од пуштањето на овој булевар, за 10 месеци, се случиле 335 сообраќајни несреќи.