Буџетот пред пратениците – опозицијата обвинува дека е предизборен, власта дека е развоен

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Предизборен поткуп и предизборни партиски вработувања, вака опозицијата ја критикуваше проекцијата за буџетот за идната година, кој го нарече мегаломански и неразвоен. Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе поднесат 250 амандмани, за, како што рекоа да се корегираат бројните забелешки во однос на предложениот буџет.

„И повторно како и во сите претходни буџети креирани од двоецот ДУИ – СДСМ на почетокот имаме ветувања за капитални за после преку ребаланс или распределба истите средства се пренаменат заради неостварена реализација. Едноставно вашите планови за предизборен поткуп со овој мегаломански буџет, тешко да се остварат и овој пат затоа што овој осиромашен и опљачкан македонски народ не сака милостина со која ќе помине недела или две“, вели Дафина Стојановска.

Власта во одбрана на проектираниот буџет вели дека тој е развоен и одржлив кој ги таргетира приоритетите и потребите на граѓаните. Средствата кои се наменети во буџетот за антикризни мерки воопшто не е за поткуп на граѓаните бидејќи такви мерки досега имало неколку, вратија од владејачката партија. 

„Јас мислам дека не сте во право бидејќи не станува збор за прв, ад-хок или втор пакет, станува збор за деветти  пакет антикризни мерки кои што се насочени кон граѓаните. Не можете да кажете вие дека ние со тоа што се грижиме за граѓаните вршиме поткуп, па вие ги омаловажувате и ги потценувате граѓаните кои што навистина имаат потреба од помош на државата. Епа не даваме 700 милиони за споменици, даваме 700 милиони за граѓани“, вели Жаклина Лазаревска

Буџетот за идната година ќе тежи 5,5 милијарди евра или околу 5 проценти повеќе од годинешниов. Дефицитот е проектиран на 545 милиони евра, или 3,6 посто од планираниот бруто домашен производ, а капиталните инвестиции се планирани на 773 милиони евра. Со овој буџет се испланирани и двата изборни процеса, претседателските и парламентарните избори.