Предлог решенијата на португалскиот шеф на дипломатијата Аугусто Сантош Силва и еврокомесарот Оливер Вархеи се добра основа за отстранување на пречките за отворање на преговорите со решение кое не задира во идентитетските прашања, изјави премиерот Зоран Заев по средбата со двајцата високи претставниците на Европската унија.
„За нас, особено важно е што со ова предлог решение никако не допира и не навлегува во нашите македонски идентитетски прашања, со што нашата круцијална позиција е задоволена, а силно сме убедени дека предлогот е добра основа и за круцијалните позиции на Бугарија“, истакна Зоран Заев.
Силва и Вархеи имаа средба и со претседателот на државата Стево Пендаровски а на обраќањето со Заев португалскиот шеф на дипломатијата со дипломатска изјава, во која не кажа што понатаму откако Бугарија го отфрли предлогот кои заедно со Вархеи го донесоа за надминување на спорот меѓу Софија и Скопје.
„Секако нашата цел во текот на нашето претседателство со Советот на ЕУ е да добиеме одобрение од сите земји членки на Европската унија за да ја започнеме преговарачката рамка со Република Северна Македонија и со Албанија и да ја одржиме првата Меѓувладина конференција“, посочи Аугусто Сантош Силва.
Но, обидот на Португалија преку предлогот што ги доставија уште претпладнето Сантош Силва и Вархеи беше оценет како неприфатлив.
Како што информираа бугарските медиуми во предлогот е предвидено Македонија да се согласи дека македонскиот јазик е кодифициран во 1945 година. За Бугарија ова е спорно бидејќи не се потенцира потеклото на македонскиот јазик и идентитет кој според ставот на бугарскиот државен врв се бугарски. Забелешки има за тоа што во предлогот било наведено дека Македонија треба да изготви патоказ за исполнување на обврските а Бугарија немала можност да реагира доколку, како што се наведува Македонија повторно не ги исполнила своите обврски.
Во Софија коментираат и дека предлозите се истите оние за кои минатата година Македонија и Бугарија преговараа во Берлин и за кои не се најде заедничко решение и затоа сметаат дека ова е само враќање на процесот. Бугарскиот шеф на дипломатијата од техничката влада, Светлан Стоев на заедничката прес конференција со Силва и Вархеи рече дека нема промени во позицијата на Бугарија кон Македонија и дека е подготвена да се продолжи дијалогот во дух на конструктивност и добра атмосфера. Тој најави и дека наскоро може да има средба и со македонскиот шеф на дипломатијата Бујар Османи.
„Сакам да истакнам дека на оваа тема има целосен континуитет и не може да се очекува промена во националната позиција на Бугарија во однос на РС Македонија“, вели Светлан Стоев.
Еврокомесарот Оливер Вархеи пак истакна дека е клучно да се слушнат бугарските ставови за да може да се дефинираат следните чекори околу проширувањето на унијата.
„Бугарија е од регионот и секогаш се исплатува да се дојде во Софија за да се добијат информации и идеи како и разговори, политички и технички за да може да видиме како да се придвижат работите“, порача Оливер Вархеји.
Предлозите на португалското претседателство се уште еден обид да се надмине блокадата на Бугарија за прифаќање на преговарачката рамка и почеток на преговорите на Македонија со Европската унија на Советот на Унијата на 22 јуни.
