Бугарија утре организира двојни избори – Величкова: Ниту еден политичар не прифаќа анекс на договореното

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Бугарија утре одржува двојни избори. Се гласа за пратеници во Европскиот парламент, но и на парламентарни избори. Истражувањата на јавното мнение покажуваат голема предност за партијата ГЕРБ, предводена од Бојко Борисов од околу 24%, а десет проценти помала доверба кај анкетираните имаат дури три партии. За второ место битка се бие меѓу „Продолжуваме со промената“ на бившиот премиер Кирил Петков, Движењето за права и слободи, како и десничарската „Преродба“. Цензусот се очекува да го преминат и социјалистите, како и партијата „Има таков народ“ на Слави Трифонов. Според новинарката на Бугарската телеграфска агенција, Маринела Величкова постои голем замор кај гласачите од избори. Ова се шести парламентарни избори во период од само три години. Прогнозите покажуваат дека нема да има промена во партиите што ќе бидат застапени во Собранието, но ќе има во распределбата на пратеници.

„Над 40% излезеност не е особено висока излезеност тогаш кога станува збор за идно раководство на државата. Според мене, одговорот е во истоштувањето и заморот кај избирачот од големиот број избори. Политичарите некако се должни да го создадат оној комфорт и спокој кај луѓето од последователните избори. Ми се чини дека дел од резултатот на ГЕРБ на овие избори е токму слоганот со кој настапија – „Сигурност и спокој“, а од нив луѓето имаат потреба, како и впрочем во било која држава.“, вели Величкова.

Величкова вели дека овојпат темата за Македонија воопшто не била присутна во кампањата, со исклучок на еден момент – кога идниот премиер Христијан Мицкоски во телевизиско интервју кажа дека ќе чека „поразумен политичар“ во Бугарија за да се разговара за Анекс на Договорот за добрососедство меѓу двете земји. Новинарката повтори дека сите бугарски политичари застанале зад истиот став – Договорот, како и преговарачката рамка за Македонија се факт и тие нема да се менуваат.

„Јас не сметам дека Бојко Борисов, но и било кој друг политичар ќе репреговара нешто што е веќе договорено. Да се потсетиме дека всушност потписот на Бојко Борисов стои под тој Договор. Тој се случи за време на Владата на Бојко Борисов. Мислам дека, во овој контекст, чувствата треба да бидат максимално исклучени, а погледот да биде насочен кон она што е важно за секоја држава, а тоа е во насока на граѓаните, не на чувствата, туку граѓаните да живеат подобро.“, изјави Величкова.

Инаку, на изборите, бугарските државјани во Македонија ќе може да гласаат на шест избирачки места.