Бугарски аналитичари во „Клик Плус“ – односите на Бугарија и Македонија „жртва“ на предизборните борби

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Тоа што се случува во односите меѓу Македонија и Бугарија и ветото кое што Бугарија го најави пред неколку недели е „жртва“ за предизборните борби, истакнаа бугарските аналитичари во синоќешното издание на ClickPlus на ТВ21.

„Сметам дека овие лоши односи се „жртва“ за предизборните борби. Знаеме дека владата на Борисов во последните неколку месеци беше на удар, имаше протести во Софија, антикорупциски. Истражувањата покажуваат дека доколку сега има избори, Борисов тешко ќе ги има истите позиции во власта, и тешко дека обединетите патриопти ќе влезат воопшто во власта. Тоа значи дека сегашната влада има голем интерес да се задржи што е можно повеќе на власт и второ, тоа предизвикува радикален говор со цел да се привлечат гласови затоа што бугарските избори ќе бидат многу скоро, веројатно во март следната година“, посочи Константин Павлов.

Дечев, пак, рече дека предизборните борби имаат влијание, но дека причините за ваквите односи се подлабоки.

„Јас сметам дека до некаде предизборната ситуација и фактот дека ние за неколку месеци ќе иамме парламентарни избори ја објаснува тврдата бугарска позиција. Но заедно со тоа мислам дека причините за тоа се многу подлабоки“, истакна Стефан Дечев.

Димитар Бечев од Атлантскиот Совет смета дека спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија треба да се деполитизира и дека комисиите треба да работат долгорочно, без рок.

„Комисиите не смеат да имаат „дедлајн“. Тие треба да работат долгорочно. Сметам дека во овие разговори треба да се оди пошироко, и треба да бидат вклучени и историчари од други земји не само Бугарија и Северна Македонија, бидејќи според мене тоа е контрапродуктивно“, додава Димитар Бачев.

Спротивно на ваквиот став, аналитичарот Љупчо Петковски, и бугарските аналитичари Стефан Дечев и Константин Павлов одговорија дека тоа не е потребно.

„Ние сме зрели. Треба да престанеме со тој наратив на инфателизација дека ни треба странско мешање, помош или интервенција за да се разбереме. Колку сме ние зрели видовме во принцип и со преговарањето и Договорот од Преспа“, вели Љупчо Петковски.

Бугарските аналитичари се согласија дека последните изјави на бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов се арогантни и потценувачки. Коментирајќи ги вчерашните разговори на делегациите на Северна Македонија и Бугарија во Софија, Каракачанов истакна дека нема компромис за прашања поврзани со бугарската историја.