Бугарски пратеници: „Македонија е Бугарија“ – МНР со вербална нота до бугарското министерство

НАЈНОВИ ВЕСТИ

И додека се чека деблокирање на процесот за интеграциите на земјава и затворање на спорот со Бугарија, неколкумина пратеници од бугарското Народно собрание, вчера за време на усвојувањето на францускиот предлог, држеа транспаренти на кои пишуваше „Македонија е Бугарија“.

Ваквиот потег наиде на остра реакција од македонското МНР, кое испрати вербална нота до Бугарија. МНР бара Софија да го осуди говорот на омраза од страна на пратениците, како и територијалните претензии кон Северна Македонија.

„Таквите пораки се спротивни на европските демократски вредности, но и спротивни на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и не придонесуваат во негувањето на принципите и духот на Договорот. Министерството за надворешни работи на Северна Македонија врачи соодветна вербална нота со оваа содржина до бугарското Министерство за надворешни работи“, вели МНР.

Бугарија вчера го тргна ветото кон Македонија, со што му даде зелено светло на францускиот предлог за пристапување на Северна Македонија во ЕУ, но поставувајќи 4 услови, меѓу кои и за непризнавање на македонскиот јазик.

„Прецизирање на текстот од предлог заклучоците на Советот на ЕУ, така што ќе се гарантира впишувањето на Бугарите во Уставот на Северна Македонија, на исто ниво со другите државотворни народи. Подобрување на Преговарачката рамка и предлог заклучоците на Советот на ЕУ со цел појасно отсликување на состојбата, дека ништо во процесот на пристапување на Северна Македонија кон ЕУ нема да биде протолкувано како признавање на Република Бугарија на постоењето на македонскиот јазик“, посочи Настимир Ананиев.

Сепак, вчера премиерот Ковачевски рече дека барањата се неприфатливи. Денеска шефот на дипломатијата, Бујар Османи рече дека по изјавата на бугарското Собрание и јасните позиции на Македонија, очекуваат да видат дали за време на француското претседавање ќе има некаков конечен предлог.

„Има три клучни точки кои за нас ја одредуваат судбината на еден предлог а тоа се: прашањето за јазикот, за историјата, како критериум за придвижување во процесот на евроинтеграции, и трето – динамиката на уставните измени наспроти старт на преговорите“, вели Бујар Османи.

Османи и Маричиќ вчера рекоа дека Македонија ќе го прифати францускиот предлог доколку во преговарачката рамка не се проблематизира македонскиот јазик, не се вклучат историските прашања и ако преговарачкиот процес не зависи од вметнувањето на Бугарите во Уставот на земјава.