Бугарскиот клуб провокација за Македонија, Мицкоски: Не враќаат во времињата на бугарската фашистичка окупација

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Не стивнуваат реакциите во јавноста по именувањето на бугарскиот клуб со името на Ванчо Михајлов во Битола што се случи во саботата. Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека со ова продолжуваат провокациите и неевропското однесување од бугарска страна. Ова не враќа во времињата на бугарската фашистичка окупација на време на Втората светска војна и на жртвите на македонскиот слободарски народ, рече Мицкоски.

„Не враќаат во едни минати времиња, во времињата на бугарската фашистичка окупација за време на Втората светска војна овде во Македонија. Јас после оваа провокација и после овие изјави дадени овде во Македонија навистина немам што да додадам освен со чудење да констатирам дека не знам кој е тој политичар или кој е тој историчар кој што ќе седне на маса заедно со неговите колеги од кај нашиот источен сосед и да продолжи да преговара за постигнување договор барем до јуни. Ако ова е да си најдат некаков изговор зошто повторно да ја блокираат Македонија тогаш се прилично успешни“, вели Мицкоски.

За претседателот на Алијанса за Албанците Зијадин Села таквите настани не придонесуваат за побрзо постигнување решение.


„Соседите треба да се признаат помеѓу себе. Мислам дека треба да се почне со тоа што ќе се признаат малцинствата взаемно. Тука во Македонија на бугарското малцинство и во Бугарија, македонското малцинство. Тоа би било еден добар чекор“, вели Села.

Коопретседателот на Мешовитата македонско-бугарска комисија Драган Ѓоргиев за Дојче Веле, со став дека со овој настан Бугарија ги урива надежите за пристоен дијалог.

„По „ванчо-михајловистичкиот викенд во Битола и Охрид, неосновано етикетиран од бугарска страна како културен настан и мост меѓу двата народа, се повеќе се уриваат надежите дека е избран вистинскиот пат за решавање на спорот меѓу двете земји. Именувањето на бугарскиот културен клуб во Битола со името Ванчо Михајлов е смислена провокација“, вели Ѓоргиев.

Со остри критики вчера се огласи и претседателот на државата Стево Пендаровски.

„Во 2017 година, идејата да се формира Комисија составена од историчари беше да се најде компромис за историските настани и личности кои треба да бидат заеднички чествувани и од македонскиот и од бугарскиот народ. За жал, во Битола беше направен обид еден докажан соработник на хитлеровиот нацистички режим да биде претставен како мост на зближување меѓу двете држави“, рече Пендаровски.

И додека во јавноста врие од критики од Владата имаа само благи забелешки без да се одговори кој дозволил регистрација на клуб со име на контроверзна личност од времето на фашистичка Бугарија. Веднаш по настанот кој се случи во саботата премиерот Димитар Ковачевски само рече дека и во Бугарија треба да има ист пристап и реципроцитет за, како што ги нарече бугарските граѓани со македонско самосознание, додека министерот за надворешни работи Бујар Османи се правдаше дека никој од власта не присуствувал на тој настан.