По 21 година како директор, Златко Муцунски заминува од „Порше Македонија“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По 21 година на директорската функција и 34 години работа во групацијата „Фолксваген“, Златко Муцунски заминува од „Порше Македонија“.

Тој ја објави веста на LinkedIn, во пост во кој се осврнува на кариерата, постигнатите резултати и емотивната разделба со компанијата. Во 21 година на чело на „Порше Македонија“ биле испорачани повеќе од 50.000 автомобили, а работата ја одбележале бројни предизвици, достигнувања, пријателства и незаборавни искуства, вели Муцунски.

Како особено емотивен момент го издвои прошталниот говор и оддавањето почит на Самитот за меѓународен менаџмент на „Порше Холдинг“, одржан во Задар, Хрватска.

„21 година. Повеќе од 50.000 автомобили. 34 години со групацијата ‘Фолксваген’. Цел живот исполнет со спомени“, напиша Муцунски. Тој најави дека заминува со благодарност за постигнатото и дека е време за ново животно поглавје, во кое ќе се посвети на нови искуства, себеси и на луѓето што му се најважни.

Засега нема информации кој ќе го наследи како генерален директор на „Порше Македонија“.