И покрај недоличното однесување, викање, навредување но и обид за физички напад врз македонските гранични служби од страна на бугарски граѓани, Министерството за надворешни работи на Бугарија реагира на постапувањето на полицијата на граничниот премин Деве Баир. Таму вчера поради паѓање на системот дојде до застој на поминување на границата по што бугарски граѓани почнаа да викаат да ги навредуваат полицајците а имаше и обид за физичко насилство. Полицијата на Деве Баир приведе три лица и им одреди казна по 300 евра и 3 години забрана за влез во Македонија. За сето ова бугарското МНР на разговор ја повикала и македонската амбасадорка во Софија Агнеза Руси а во соопштението што го издаде обвинуваат дека однесување на македонските власти било понижувачко и неприфатливо за бугарскиот народ.
„Министерството за надворешни работи го дефинира однесувањето на Владата во Северна Македонија како понижувачко и неприфатливо кон бугарскиот народ и Република Бугарија. Дејствата на властите во Македонија нанесоа сериозна штета на процесот на враќање на доверба. Има информација за насилство од страна на граничните власти на Северна Македонија. Истовремено во Скопје беше направен крајно изненадувачки, но неуспешен обид да се ограничи големината на бугарската официјална делегација за време на нејзиното поклонение во црквата Свети Спас“, велат од Бугарското МНР.
Oд македонското МНР со одговор дека поединци и организации од Бугарија продолжуваат да изразуваат територијални претензии и да ги навредуваат чувствата на македонскиот народ, а за случувањата на граничниот премин со став дека официјална Софија не направила ништо за да спречи лица да провоцираат и да навредуваат како што тоа се случи на граничниот премин Деве Баир.
„Република Бугарија не направи доволно напори да спречи пристапување на радикални поединци на граничниот премин Деве Баир, овозможувајќи на тој начин, дел нив да се однесуваат агресивно, да ги навредуваат и да применат насилство кон претставниците на гранична полиција на Северна Македонија. Согласно со утврдените протоколи за работа, и стандардите на ЕУ за безбедно управување со границите, дел од овие лица кои го нарушија јавниот ред и мир од поголем обем, беа приведени и изведени пред надлежен суд кој изрече соодветни мерки“, велат од македонското МНР.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски оцени дека постапките и во обезбедувањето на самото одбележување, но и на граничните премини беа на високо ниво.
„Дозволете да оддадам признание и да упатам честитки за професионализмот и посветеноста од страна на сите организациони единици при МВР за исклучително добро реализираниот оперативен план во делот на одржувањето на безбедноста при чествувањето на денот на раѓањето на Гоце Делчев. Како пред гробот на великанот Делчев кај црквата Свети Спас, така и на граничните премини, македонската полиција на висина на задачата успешно го спроведе овој настан од највисок безбедносен степен – еклатантен пример за тоа како постапува полиција од европски ранг“, порача Оливер Спасовски.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак со критики за организацијата на одбележувањето на 151-та годишнина од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев.
„Скандалозната организација за одбележувањето на раѓањето на Гоце Делчев е најсилен доказ дека власта е одлепена од реалноста и дека се плаши од народот. Ова ли се плодовите на пријателството? Хеликоптери, борни коли и барикади. Договорот за пријателство е затруено дрво, а затруените плодови еве ги гледаме денес. Во одбележувањето на раѓањето на Гоце Делчев се виде неспособноста на власта на Ковачевски и Ахмети, каква ја гледаме во секој еден сегмент од државата, која е во распаѓање“, вели Драган Ковачки.
Вчерашното одбележување на 151-та годишнина од раѓањето на Гоце Делчев која се одржа во црквата Свети Спас каде е неговото вечно почивалиште помина под силно полициско обезбедување. Почит на великанот му оддадоа државни и партиски делегации, како и здруженија но и граѓани, а на гробот на Делчев беше и бугарска делегација предводена од вицепремиерот и технички министер за внатрешни работи Иван Демерџиев.
