Буши: Спасовски не ми го негираше правото на говор – Муслиу: Двајцата се избрани во Собрание! АА-ААА бара оставка

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Вака министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски вчера не му дозволи на неговиот заменик Назим Буши да одговори од говорницата на прес-конференција, на прашањето околу Законот за државјанство. Одговор даде Спасовски, не сакајќи да му го препушти местото на неговиот заменик.  Буши за ТВ21 вели дека не му било негирано правото на глас.

„Моето право на говор не е негирано, меѓутоа новинарското прашање беше – дали ќе одговара заменик-министерот или министерот за да добие исход случајот во Министерството за политички систем, за што се произнесе г.Артан Груби кој е надлежен…“, истакна Назим Буши.

Но, дали Спасовски му е шеф на Буши за да му го негира правото на говор? Аналитичарот Алберт Муслиу, вели дека по хиерархија Спасовски му е шеф на Буши, но дека двајцата се избрани во Собрание, па поради тоа секој има право да го изнесе своето мислење.

„Спасовски по хиерархија му е шеф на Буши, бидејќи тој е заменик-министер. Не знам како е регулирано ова прашање за негирање на говорот во Министерството за внатрешни работи, но не верувам дека Спасовски има политички капацитет да го ограничи Буши да има свое мислење и да го искаже. Повторно ќе кажам, не верувам дека вчера Спасовски имаше намера да му испрати некаква порака на Буши, но ниту пак може да му испрати, бидејќи и двајцата се избрани од Парламентот и Парламентот може да ги смени или да постави некој друг. Така што, мислам дека целта на Спасовски не беше таа, туку беше да се минимизира продлабочувањето на разговорот во врска со настанот што се случи во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците“, додава Алберт Муслиу.

Од друга страна, од коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива, случајот го гледаат како деградирање на албанскиот глас, па затоа побараа оставка од заменик-министерот Буши.

„Бараме од Спасовски да престане со циркусот, кој го видовме вчера во врска со неговиот однос кон неговиот заменик Назим Буши, а од Буши пак, бараме веднаш да поднесе оставка од морални причини за да не го деградира уште повеќе албанскиот гласач“, порача Бујаре Идризи.

Инаку, Буши е меѓу 15-те функционери на ДУИ кој беа казнети поради неносење маска на собирот кој беше организиран во новите канцеларии на Министерството за политички систем, каде воедно беше прославен и роденденот на партискиот лидер, Али Ахмети.