Чавков, Димитриев, Божиновски и Котевски сведочеа за „27 април“ – судењето продолжува на 11 февруари

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Судењето за организаторите на настаните во Собранието од 27 април 2017 година продолжува на 11 февруари, откако на денешното рочиште беа сослушани повеќе сведоци на одбраната.

Повеќето сведоци, во својот исказ кажаа дека Александар Василевски Нинџа не бил во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ на 27 април 2017 година.

Тие сведочеа за атмосферата во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, каде според нив имало голема раздвиженост и над 150 луѓе. На осмиот кат, биле голем број на пратеници, функционери и членови на центален и извршен одбор, како и обични членови на партијата. Сите сакале да дознаат што се случува и секој разговарал со секого.

Сведокот Емил Димитриев, кој во 2017 година беше технички премиер, рече дека имал обраќање со кое ги осудил настаните, со кои на меѓународен план се испратила лоша слика за државата, а ВМРО-ДПМНЕ загубила најмногу.

– Тоа следуваше по состанокот на народните партии во Малта кога недвосмислено добив поддршка, а после 27 април ја немаше таа поддршка во тој обем. На домашен план се направи голема поларизација на општеството и се на се сметам дека тој настан фрли една црна дамка на фунцкионирањето на државата, рече Димитриев.

Посочи дека на состанокот во Малта со сестринските партии до овие настани постоела поддршка за ВМРО-ДПМНЕ , во насока дека согласно изборниот резултат, во најмала рака ако не формира влада може да дојде и до состојба да се направи коалициона влада со опозицијата.

Димитриев кажа дека на 27 април 2017 година немал комуникација со Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и Трајко Вељановски.

Тогашниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски, рече дека немал средба со лицата Игор Дурловски, Борис Дамовски, Владо Јовановски и Богдан Илиевски за финансирање на движењето За заедничка Македонија, укажувајќи дека некои од нив ниту ги познава.

– Ниту сум имал средба со овие лица, ниту сум имал комуникација со овие лица, рече Божиновски.

Божиновски на критичниот ден бил во Владата, каде останал до доцните попладневни часови, по што се упатил во Централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ.

– Таму се упатив на 5ти кат и се сеќавам дека откако пристигнав на телевизорот имаше директно известување за влез на толпа народ во Собранието. Тогаш почна голема раздвиженост во штабот и атмосфера на вознежиреност, рече Божиновски.

Прашан дали ги видел лицата Александар Василевски Нинџа или Митко Чавков, тој рече не.

На прашање од Судот, кои лица биле во штабот на ВМРО-ДПМНЕ додека бил таму на 27 април, сведокот рече дека имало голема загриженост и раздвиженост и дека не може да се сети на имињата.

– Откако заврши настанот, поголем дел од присутните се упатија на 8ми кат, каде е сала за состаноци и имаше врвулица од над 150 луѓе. Не беше тоа класичен состанок, едни влегуваа, други излегуваа. Повеќе можам да кажам дека спонтано се собираа луѓе кои прашуваа што се случува, рече Божиновски.

Потпрашан од тие 150 луѓе, на кого може да се сети, Божиновски рече дека може ги видел Емил Димитриевки, Спиро Ристовски и Миле Јанакиески.

Сведокот Иво Котевски, кој во 2017 година бил директор на Центар за комуникации во ВМРО-ДПМНЕ и ги координирал комуникациите внатре и надвор од партијата, рече дека партијата немала одлука за поддршка на протестите на движењето „За заедничка Македонија”, но ги следеле и известувале.

Котевски кажа дека на 27 април 2017 година некаде после 19 часот во неговата канцеларија на 2 кат биле Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, но дека околу 20 часот се упатил на 8 кат на партијата, каде како што се сеќава ги видел Зоран Ставревски, Владо Пешевски, Никола Тодоров, Ванчо Костадиновски и голем број на пратеници, функционери и членови на центален и извршен одбор, како и обични членови.

– Се следеше медиумското покривање на настанот и сите сакаа да дознаат што точно се случува таму, рече Котевски.

На прашање од Судот, дали на 27 април 2017 година имал комуникација со месни и општински комитети, сведокот рече дека со работата комуницирал со мнигу луѓе и можно е тој ден да имал комуникација и со некој од општинските комитети.

Сведокот Луке Галевски, кој во 2017 година бил државен советник во канцеларија на Влада, рече дека протестите за заедничка Македонија биле граѓански и лично не присуствувал на ниту еден, иако лично се согласувал со поголем дел од нивните барања.

На 27 април 2017 година попладне бил на 2 кат во штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Таму биле и Иво Котевски и Спиро Ристовски.

– Ние бевме зачудени од тоа што се случува и ние се информиравме од медиумите. Накај 9 часот се качив на 8ми кат, каде имаше многу луѓе. Бидејќи имаше голем број луѓе, секој си имаме свое мислење, но генерално беше шок и неверување, рече Галевски.

Рече дека не го познава Александар Василевски Нинџа и дека не бил во партијата.

На прашње од Судот дали раководството на ВМРО-ДПМНЕ како владејачка партија тогаш имале состанок по тоа што се случило во државата, сведокот рече дека, во тој период немало состанок или координација на партијата за која му е него познат.