Чавков: Кога ми се јави Груевски веќе имавме воспоставено контрола во Собранието

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Во судница сведочеше Митко Чавков, поранешен директор на Бирото за јавна безбедност.

Тој одговарајќи на прашања поставени од адвокатите на одбраната рече дека последен состанок кој го имал на 27-ми април бил со јавен обвинител за конкретен предмет, а после тоа завршувал приватни работи, по што се упатил кон неговите приватни канцеларии во Технометал Вардар.

Сведочеше дека таму се наоѓал и за време на упадот во законодавниот дом. Нешто пред 19 часот добил информација дека има прескокнување на оградата поставена пред Собранието и дека старешините кои требало да реагираат биле во заблуда.

„Мојата наредба беше да ги држат вратите и да не дозволат толпата да влезе во Собранието. И тоа се успеваше во еден период. На пример од страната на Домот на АРМ имаше силен притисок за влез во Собранието, но не успеаа“, сведочеше Чавков.

Тој рече дека во периодот од еден месец кога се организираа протестите немал никаква комуникација со сега обвинетите Спиро Ристовски и Миле Јанакиевски. На самиот ден, 27-ми април добил и повик од тогашниот премиер Никола Груевски, но Чавков му одговорил дека веќе е воспоставена контрола во Собранието. Повикот се случил околу 20.30 часот.

„Од моја перспектива, ние имавме информации дека вратите на Собранието се затворени со механизам и така дека се безбедни и не може да се пробијат при било каков притисок од надворешна сала“, додаде Чавков кој рече дека грешки во командувањето нема, но може да има пропусти, како што имало на секој протест.

Чавков сведочеше дека тој ги донел одлуките да се фрлат шок бомби во Собранието, потенцирајќи ја опасноста кога не била исклучена бидејќи станува збор за затворена просторија.

„Подоцна дадов и наредба целосно со восок да бидат запечатени сите простории во Собранието, но Јавното обвинителство не изврши увид за жал“, сведочеше Чавков.

На прашање од судечкиот совет, дали се познава со Ниња и Киљо рече дека ги знае само по прекар, но никогаш лично не се запознал, иако знаел дека биле дел од како што рече тој криминалното миље.

„Дојдов по 30 години работа, сега да бидам непријател на државата“, дофрли Чавков во еден од одговорите.
Додаде дека бил член на ВМРО-ДПМНЕ, но никогаш не извршувал било каква функција во партијата.