Чекавме 30 години но вредеше ,со овие зборови Претседателот, Стево Пендаровски, пристапи кон потпишување на декретот за објавување на Законот за ратификација на северно -атлантскиот договор. Откако го потпиша, потсети колку долго време земјата го чекаше овој момент.
За спомен, пенкалото со кое го потпиша декретот и го подари на една студентка од групата која го присуствуваше на чинот на потпишувањето во претседателскиот кабинет.
Потоа им објасни на нив дека ова е прв пат да се потпише декрет иако истиот нема веднаш да стапи во сила.
„Прв пат се случува да потпишуваме указ кој нема да важи веднаш, затоа што имаме процедура во НАТО која треба да заврши за потоа ова да влезе во сила. Значи ова се објавува, денеска го праќаме во Службен Весник и се објавува, но ќе има правно дејство кога Шпанија ќе го ратификува.“, рече Пендаровски.
Инаку во шпанскиот парламент веќе е почната ратификацијата, Министерката Шекеринска, очекува Шпанија да го ратификува протоколот на почетокот на март. Таа упати обвинувања кон политичките опоненти.
Ги прашавме во ВМРО-ДПМНЕ дали е контрадикторен фактот што тие вчера гласаа за ратификација на Протоколот која не можеше да се постигне без Преспанскиот договор кого тие постојано го критикуваат?!
ВМРО-ДПМНЕ не гласа ниту за Законот за одбрана, причина – не сакаат да се смени името на армијата во „Армија на Република Северна Македонија“.
Министерката за одбрана, рече дека очекува до распуштањето на Собранието да се донесе и овој закон нарекувајќи го ставот на ВМРО-ДПМНЕ неодговорен, објаснувајќи дека тие го поддржале Законот за служба во армија, каде исто така стои новото име на државата според уставните измени.
