Четири банки, три големи една средна, од почетокот на месецов ги намалија провизиите за граѓаните и компаниите. Гувернерот на Народната банка Трајко Славески задоволен што иницијативата која ја покрена, веќе дава резултати. Очекува ова да го следат и другите средни и помалите банки.
„Граѓаните коишто им ги довериле своите доходи и заштеди на банките се и нивни кредитори. Значи граѓаните се кредитори.На овој начин, позајмувајќи средства од граѓаните и претпријатијата, најчесто со нула или минимален трошок, банките обезбедуваат значителен обем на средства за одржување на сопствената ликвидност. Ова е една од основните причини поради која банките треба да покажат разбирање за барањето правичен однос кон граѓаните и кон претпријатијата при обезбедувањето услуги во платниот промет“, вели Трајко Славески.
Славески најави и нова иницијатива. Законски измени за платежната сметка со основни функции. На граѓаните ќе им се овозможи дозволено пречекорување преку таа сметка, што моментно не е случај и не ќе мораат да ги затвораат останатите сметки.
„Предлагаме цената на услугите коишто ќе може да се користат преку платежната сметка со основни функции да биде поврзана со износот на минималната бруто-плата во земјава и да биде утврдена на најмногу 0,1% од неа, што согласно важечката минимална бруто-плата за 2025 година, би изнесувала 36 денари на месечно ниво. Граѓаните кои ѝ припаѓаат на групата законски корисници на права, односно таканаречените ранливи категории граѓани ќе може да ги добиваат услугите бесплатно“, вели Трајко Славески.
Славески кажа дека кај нас поради многу ограничувања оваа сметка не ја постигнала целта. До сега се отворени само 140 вакви сметки, што значи многу малку граѓани ги добиваат платежните услуги со разумен надоместок- рече тој.
Најзначајните новини се: можност за дозволено пречекорување, можност да се поседува платежна сметка со основни функции дури и ако потрошувачот има други сметки, како и проширен сет бесплатни или евтини услуги – којшто покрај интерните, ќе ги вклучи и меѓубанкарските електронски трансфери, издавањето дебитна картичка и до четири подигнувања готовина месечно од банкоматите на други банки во износ до 2.000 денари по трансакција.
