САД со нови санкции кон Иран

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп воведе нови санкции кон Иран, насочени против конгломератите во областа на железницата и автомобилската индустрија, како и кон меѓународните добавувачи за тие сектори, соопшти американското Министерство за финансии.

Како што се наведува, новите санкции ги таргетираат алтернативните правци на Иран за превоз на нафта, вештачко ѓубриво, хемикалии и друга стока, откако САД воведоа блокада за транспортот на иранска нафта низ Ормуската Теснина, што го принуди Техеран повеќе да се потпира на патниот и железничкиот транспорт. Санкциите ги опфаќаат компаниите „Иран Кодро“ и „Саипа“.

Во синоќешното соопштение се наведува дека тие две компании сочинуваат повеќе од 90 проценти од иранскиот домашен пазар на автомобили.

Санкционирана е и државната компанија „Железници на Исламската Република Иран“, која обезбедува услуги за патнички и товарен превоз, потоа компанијата „Раџа“ и „Шеркат-е Рах о-Нагл“, за која се наведува дека е водечка приватна компанија за товарен железнички транспорт.

Министерот за финансии Скот Бесент изјави дека „оваа мерка е директно насочена против оние кои го овозможуваат делувањето на Иран и создава услови САД и нивните партнери еднаш засекогаш да ги исцрпат приходите на иранскиот режим“.

Санкциите се дел од програмата на Министерството под наслов „Операција економски отфрлен“, најавена на 24 август, чија цел е прекин на финансирањето на војната, изградбата на ракети, кибер-нападите и активностите на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ).

Програмата има за цел да го принуди Техеран на преговори за ставање крај на војната која почна со американско-израелскиот напад врз Иран пред околу седум месеци.