Четири кандидати со позитивно мислење за прв човек на ЈО – Владата ќе избира меѓу Тополова-Исајловска, Раичевиќ, Ристовска и Савевски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Актуелната вд државна јавна обвинителка Анита Тополова Исајловска, обвинителките Лидија Раичевиќ и Ленче Ристовска како и судијата од Кривичен Ненад Савевски добија позитивно мислење од членовите на Советот на Јавни обвинители. Беше констатирано дека овие кандидати за првата позиција во Јавното обвинителство имаат долгогодишно искуство и интегритет. Претседателот на Советот Башким Бесими рече дека им дале зелено светло на сите што ги исполниле условите.

„Дадовме позитивно мислење од причини што сите кандидати за јавни обвинители едниот е судија со успешна работа и во Јавно обвинителство и во судовите. И не можевме како членови да ги делиме зашто сите се по 20-30 години или 15 години обвинители и затоа дадовме позитивно мислење“, рече Бесими.

Бесими негира дека избегнале одговорност како стручно тело тие да изберат најстручен кандидат и остава простор Владата да одлучи кој ќе биде предложен, што може да се разбере и како политичка одлука.

„Не се остава простор за политика од причини што сите кандидати ги исполнуваат условите согласно закон. Ние не можеме за еден обвинител што работи 20 – 15 години веќе ја знаеме работата на јавен обвинител, мислам за овој состав на Советот да дава негативно мислење кој тој обвинител секој ден оди по судови, секој ден работи предмети и затоа дадовме позитивно мислење“, изјави Бесими.

Единствено разрешениот судија Владимир Панчевски е отфрлен како кандидат откако не го помина филтерот на Советот на јавните обвинители кои едногласно гласаа негативно. Беше констатирано дека тој не ги исполнува потребните услови односно нема непрекинат работен стаж од најмалку 10 години откако беше разрешен поради вмешаност со манипулирање на АКМИС системот. Следен чекор е Советот да ги достави мислењата за сите четири кандидати кои добија позитивно мислење до Владата. Оттаму пак треба да биде донесена одлука кој од нив ќе го предложи до Собранието за избор за нов државен јавен обвинител.