Четиригодишно девојче им помогна на научниците – открила отпечаток стар 220 милиони години

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Четиригодишно девојче, на плажата во заливот Бендрикс, во долината Гламорган во Велс, пронајде добро сочуван отпечаток на диносаурус, за кој научниците веруваат дека може да открие како оделе тие животни.

Отпечатокот што Лили Вајлдер го забележа во јануари е стар 220 милиони години и бил зачуван во калта.

Иако е невозможно да се утврди кој вид диносаурус го оставил, стапалото е долго 10 сантиметри и веројатно потекнува од диносаурус висок 75 сантиметри.

Кустосот за палеонтологија на Националниот музеј на Велс, Синди Хауелс го опиша како „најдобриот примерок некогаш пронајден на оваа плажа“.

Мајката на девојчето Сали објасни дека таа и нејзиниот татко Ричард го откриле стапалото и го фотографирале, а потоа стапиле во контакт со експерти, пренесува Би-Би-Си.

Диносаурусот, кој остави свој белег, се смета за „витко животно“ кое одело на двете задни нозе и активно ловело други мали животни и инсекти.

Познато е дека диносаурусот Коелофизис направил слични отпечатоци во САД.

Се смета дека примероците, претходно пронајдени во заливот Бендрикс, се на повеќе влекачи од типот крокодили отколку на диносаурусите.

Фосилот беше отстранет оваа недела и однесен во Националниот музеј во Кардиф, каде што ќе се чува.

Диносаурусите првпат се појавиле пред околу 230 милиони години, а нивните стапалки може да ја расветлат раната точка на нивната еволуција, кога различните групи за првпат се диверзифицирале.

„Нивното зачувување може да им помогне на научниците да научат повеќе за реалната структура на стапалата, бидејќи е доволно јасно за да се покажат индивидуални влошки, па дури и отпечатоци од канџи“, се вели во соопштението на Националниот музеј на Велс.