„Членовите на Советот тераат инает“ – Мицкоски: Народот ќе се самоорганизира

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Петтемина членови на Судскиот совет на кои им беше изгласана недоверба во Собранието тераат инает, оцени премиерот Христијан Мицкоски. Според него, доколку тие не поднесат оставки, тоа може да доведе до протести, зашто луѓето се вознемирани и загрижени од немањето правда.

„Имам чувство дека доколку дојде до ваква ескалација и излезе народ да протестира, дека тој може да биде многуброен и нормално, поддржан лично од мене. Така што, јас само сакав тоа да го кажам, дека ако се служат со трикови и водат инает дека може да се самоорганизира народ и да им се случи народ.“, вели Христијан Мицкоски.

За барањето на власта за оставки на членовите во Советот, остро реагираше известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц.

„Овој повик на власта е загрижувачки знак за политичко мешање во правосудството. Независноста на правосудниот систем е клучна за владеењето на правото и поделбата на властите, кои се основни вредности за патот на Северна Македонија кон Европската Унија.“, порача Томас Вајц.

Прашан дали ваквиот став на Вајц може негативно да влијае на Извештајот на ЕУ за напредокот на земјава, Мицкоски одговори:

„Ајде да се радуваме на овој успех – да кажеме на граѓаните дека не сме повеќе хибриден режим според „Економист“, туку дека сме ја унапредиле демократијата и мислам дека тоа треба и самата Европска Унија и известувачот да го забележат и да го стават во својот Извештај.“, вели Мицкоски.

За разлика од критиките од опозицијата, но и од самите членови на Судскиот совет за кои беше изгласана интерпелација, премиерот одговори дека со ваквиот потег власта не врши упад во судската власт.