Членство во ЕУ без право на глас?! Албанските политички партии со поделени ставови

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Единствениот пат за членство на земјава во ЕУ е целосно членство со право на глас, е ставот на АА-Таравари – дел од коалицијата НАИ. Според Валбон Лимани, секој вид членство треба да се заснова на исполнување на Копенхашките критериуми, вклучително владеење на правото и човекови права, додека за условено членство ќе се изјаснат само доколку има конкретен предлог.

-Ние сме за целосно членство на Северна Македонија во Европската Унија и веруваме дека тоа е единствениот пат. Се разговараше за ваква можност, но тоа се само идеи кои се изнесени, нема ништо конкретно. И кога би разговарале за вакво членство, несомнено во тој случај треба да се исполнат Копенхашките критериуми, политичките критериуми, каде што секако спаѓаат владеењето на правото, човековите права и многу други фактори кои треба да бидат исполнети за да се биде дел од ЕУ и на овој начин. Доколку има нешто конкретно, тогаш ќе се произнесеме дали сме или не сме за условено членство, изјави Валбон Лимани, АА-Таравари/НАИ.

Од коалицијата ВЛЕН велат дека се анализираат сите опции за забрзување на европската интеграција, вклучително и моделите на фазно членство.

-Во рамките на ВЛЕН сериозно се разгледуваат сите опции што би значеле забрзување на европската интеграција на државата, вклучително и моделите на членство во фази. Нашиот фокус е државата да стане дел од европското семејство што е можно побрзо, со активно учество во политиките и процесите на Европската Унија, велат од ВЛЕН.

И опозициската партија СДСМ со критики кон овој предлог. За СДСМ единствена и прифатлива опција е целосно членство со сите права. Овој предлог не се смета за добар ниту од Паневропската унија, бидејќи според нив може да го забави интегрирањето и да создаде земји со различен статус.

Да потсетиме дека за вакво сценарио, според кое Македонија, заедно со другите земји од Западен Балкан, на почетокот на 2027 година би станала членка на ЕУ, но без право на глас, пред неколку дена говореше премиерот Мицкоски, наведувајќи дека тоа е дел од мировното сценарио за Украина и евроинтеграциите. Сепак, каква и да е опцијата за членство, уставните измени остануваат обврска.