Државниот јавен обвинител Ненад Савески смета дека правосудниот систем мора да ја преиспита практиката на определување притвор, особено неговото времетраење, предупредувајќи дека оваа мерка не смее да се применува неоправдано долго и дека обвинителите мора да водат сметка и за трошоците што ги создаваат.
Во гостувањето во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, Савески истакна дека одлуките на Европскиот суд за човекови права во Стразбур се задолжителни и дека стандардите утврдени со нив мора да се применуваат во домашното правосудство.
„Ние мора да се менуваме и да се соочиме со фактот дека можеби неосновано се определуваат притвори. Тоа можеби не е толку голем проблем колку што е проблем времетраењето на оваа мерка“, изјави Савески.
Тој нагласи дека притворот треба да биде последна опција, а не мерка што автоматски ќе трае до истекот на максималниот законски рок.
„Оваа мерка не само што треба да биде крајна солуција, туку и кога ќе биде определена, треба да трае онолку колку што е неопходно, не до недоглед, не до максимално определениот законски рок“, посочи државниот јавен обвинител.
Според Савески, правосудните органи треба почесто да применуваат поблаги мерки за обезбедување присуство, меѓу кои и гаранцијата, која во меѓународната практика се смета за ефикасен механизам.
„Мене би ме радувало доколку примената на гаранцијата навистина биде зачестена. Дури и таа не е блага мерка. Има многу поблаги мерки од гаранцијата“, истакна тој.
Савески објасни дека при одлучувањето секогаш треба прво да се разгледа можноста за примена на најблагата мерка, а кон построгите да се преминува само доколку претходните не можат да ја исполнат целта.
Освен заштитата на човековите права, тој го отвори и прашањето за финансиските последици од притворот, оценувајќи дека станува збор за скапа мерка која дополнително го оптоварува државниот буџет.
„Ние сме сиромашна држава и како систем, вклучително и јавните обвинители, треба да водиме сметка за трошоците што ги создаваме. Ако можеме да исполниме една цел со мерка што е поевтина и нема да го оптоварува буџетот, треба да размислуваме и на тоа“, рече Савески.
Тој упати и директна порака до обвинителите дека мора одговорно да постапуваат со јавните средства.
„Ние не смееме како јавни обвинители, ќе се изразам жаргонски, да се однесуваме бахато во ситуација кога неспорно е дека имаме сиромашен буџет“, нагласи Савески во „Клик Плус“ на ТВ21.
Според него, правосудството мора истовремено да обезбеди почитување на човековите права, исполнување на целите на кривичната постапка и рационално користење на буџетските средства.
