Безбедносната состојба е стабилна, информира министерот за одбрана Владо Мисајловски по заседанието на Советот за безбедност. Тој откри дека се работи на превенција на можни радикални случувања на Западен Балкан. Мисајловски кажа дека се следат потенцијални жаришта и ќелии околу нас, но поради доверливоста не кажа повеќе информации.
„Безбедносната ситуација е на добро ниво, но мора да ја следиме постојано, бидејќи, знаете, секогаш во безбедноста може да има промени, односно многу радикални структури навистина во овој регион може да оперираат“, вели Владо Мисајловски.
На трибина посветена на ризиците во земјите од НАТО, министерот кажа дека зачленувањето во Европската Унија на Македонија е и безбедносно прашање. Тој ги повика присутните дипломати да ја забрзаат нашата интеграција.
„Она што е важно е да се најде компромис во иднина, што нема да задира во безбедноста и во она што значи да си Македонец и да значи една подобра безбедносна слика во државата“, вели Владо Мисајловски.
Универзитетскиот професор Марјан Ѓуровски оваа изјава на министерот ја протолкува низ меѓуетничка призма.
„Поголемиот дел од Македонците одбиваат да направат компромис во делот на членството во Европската Унија, наспроти тоа што албанските граѓани сакаат да го продолжат процесот на евроинтеграција и отпочнување на преговорите вис-а-вис она што го отпочна процесот на преговори Албанија. Оттука треба да се најде модул и начин како да продолжи процесот“, вели Марјан Ѓуровски.
Според Ѓуровски, треба да се потсетат и европските партнери за обврските што ги презеле, но и властите да се свесни дека во овој процес не може да чекаат Унијата да ги промени правилата на игра за да продолжи патот напред.
