Автобус со ученици излетал од патот во Франција, има информации за жртви

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Тешка сообраќајна несреќа се случила утринава, во петок, 6 ноември, во источниот дел на Франција. Автобус со ученици излетал од патот, при што две лица го загубиле животот, а 16 други се повредени. Тројца од повредените се во тешка состојба.

Еден од првите очевидци кои пристигнале на местото на несреќата ги опишал драматичните моменти по излетувањето на автобусот од патот.

Тој раскажал дека најпрво забележал скршени гранки од дрвја на коловозот, а кога се приближил до автобусот, видел неколку ученици како излегуваат од возилото.

„Некои врескаа и плачеа. Глетката беше особено потресна. Веднаш ја повикав полицијата за да ја пријавам несреќата“, изјавил очевидецот.

Веднаш по несреќата биле мобилизирани голем број полициски службеници, пожарникари и медицински екипи. Во спасувачката операција учествувале и два хеликоптери.

На местото на несреќата се очекува да пристигне и францускиот министер за транспорт, Филип Табаро.

Во меѓувреме, надлежните служби упатија апел до граѓаните да ја избегнуваат областа, бидејќи се воведени ограничувања и пренасочувања на сообраќајот за да им се овозможи непречена работа на екипите за итна помош.