Хашимото тироидитот e автоимуно заболување на тироидната жлезда, кое се карактеризира со деструкција на тироидните клетки од специфични антитела создадени од имуниот систем на човекот.
Кај секој афектиран пациент од Хашимото тироидит клиничката слика е индивидуална и исклучително варијабилна.
Еволуцијата на ова заболување најчесто резултира со намалена продукција на тироидни хормони, состојба позната како хипотироидизам, а многу ретко може да се манифестира како хипертироидизам, кој се карактеризира со зголемена продукција на тироидни хормони.
За повеќе информации поврзани со Хашимото тироидитот, консултирајте се со нашиот ендокринолог.
КОИ СЕ ТИПИЧНИТЕ СИМПТОМИ И ЗНАЦИ ЗА ХАШИМОТО ТИРОИДИТИС?
Хашимото тироидитот има бавен, “тивок” и суптилен почеток. Интензитетот на симптомите и знаците варира во зависност од тежината на болеста, односно колкав е недостатокот на тироидните хормони како и временскиот период на хормоналниот дефицит.
Во првата фаза симтомите и знаците најчесто се дискретни и неспецифични, па поради тоа во овој период од заболувањето, пациентите ретко консултираат ендокринолог и состојбата останува недијагностицирана.
Рани симптоми и знаци кои може да укажуваат на Хашимото тироидитис се:
- Замор
- Малаксаност
- Недостиг на енергија
- Опстипација
- Сува кожа
- Покачување на телесната тежина и покрај намалениот апетит
- Отежнато губење на вишокот килограми
- Кршливи нокти
- Сува и кршлива коса
Како што напредува болеста, автоимуното воспаление континуирано и “тивко” го уништува тироидното ткиво и во момент кога значајно ќе биде компромитирана функцијата на тироидната жлезда, кај пациентот покрај интензивирање на горенаведените симтоми и знаци, може да се јави и:
- Опаѓање на косата;
- Нарушување на меморијата;
- Oтежната концентрација;
- Зарипнат глас;
- Отежнато голтање;
- Нарушувања на менструалниот циклус кај жени и импотенција кај мажи;
- Намалување на либидото;
- Галактореа (Млечен исцедок од градите);
- Иритабилност;
- Депресија;
- Интолеранција на ладно;
- Болки во мускулите и зглобовите;
- Мускулни грчеви;
- Отоци на рацете и нозете;
- Отоци околу очите.
Симптомите и знаците на ова заболување се јавуваат постепено и подмолно, поради што многу често пациентите се прилагодуваат и ги прифаќаат како составен дел од нивниот живот.
Затоа, за успешен третман на Хашимото тироидитот потребно е навремена дијагностика и соодветна терапија на истиот, што се постигнува со навремена и благовремена консултација со специјалист ендокринолог.
