„Да се деблокираат процесите во собранието“, Заев: Го добив законот за државјанство, но не како што договоривме

НАЈНОВИ ВЕСТИ

И покрај обидите на премиерот Заев преку преговори и лидерски средби со ВМРО-ДПМНЕ и со албанската опозиција да се деблокира Собранието, се чини овие договори не се почитуваат. Премиерот Заев вели дека при преговорите направил сериозни отстапки и затоа постапките во Собранието мора да течат без било какви блокади. Ослободете ги процесите да функционира системот, им порача Заев.

„Направив сериозни отстапки заради тоа што треба да имаме разбирање за опозицијата, дали е за ВМРО-ДПМНЕ, дали Алијанса за Албанците и Алтернатива и отстапките се однесуваат за јасно видливи и важни работи. Секој да ја извршува својата работа, можеме да гласаме За, може да бидеме и против, може и воздржани, но блокадата навистина нема објаснување и оправдување. Верувам дека овие денови ќе се искористат за меѓусебни комуникации помеѓу пратеничките групи за тоа да се реши“, рече Заев.

Вчера претседателот на Собранието Талат Џафери се пожали дека опозицијата упорно го блокира парламентот и дека 28 закони се уште се заглавени, што значи дека лидерските средби не дале резултат.

„Кворум од минимум 61 пратеника не може да се толкува дека е обврска само на 61 пратеник на мнозинството. Парламентот одлучува дали има мнозинство без оглед дали е опозиција или власт. Значи, правата и обврските на пратениците се исти“, посочи Џафери.

Премиерот Заев преговараше со Алијанса за Албанците и Алтернатива околу Законот за државјанство а тие да ги повлечат амандманите со кои се уште се блокирани 21 предлог закон. Иако постигнаа одредено решение, албанската опозиција не ги повлече амандманите, а достави предлог закон за државјанство кое не било дел од договорот.

„Ние го добивме предлог решението, но не е баш така како што разговаравме, веројатно заклучокот од партнерите во тој разговор Алијанса за Албанците и Алтернатива е дека за конечната драфт верзија треба да седнат најмалку министерот за внатрешни работи и заменикот и јас како претседател на Влада. Гледаме има опции некои внатре за кои треба заедно да се пресече, верувам дека тука ќе постигнеме договор заради тоа што усно и го постигнавме договорот“, додаде Заев.

Претседателот на Алтернатива Африм Гаши вели дека при изготвувањето на законскиот текст забележале одредени недостатоци и за кои мислеле дека би можеле да го подобрат законот.

„Главно се задржавме на промените за кои се договоривме на средбата, но имаше и одредени сегменти кои мислевме дека е добро да бидат направени сега во овој процес и да не се оставаат за подоцна. Но, секако можеме да седнеме и да поразговараме. Доколку имаат некоја суштинска забелешка, ние сме подготвени да се договориме“, истакна Африм Гаши, претседател на Алтернатива.

На последната лидерска средба меѓу Заев, Села и Гаши беше постигнат договор за Законот за државјанство, но ниту еден од нив не откри детали за компромисното решение, се додека, како што рекоа не биде ставено на хартија.