Обединетите нации треба да реагираат и интербенираат, а сите фактори да седнат и да разговараат со цел да изнајдат решение за прекин на конфликтот Израел-Палестина, изјави универзитетскиот професор Мевљудин Ибиши во синоќешниот дебатен магазин „Клик Плус“.
„Мислам дека сега е време ООН да интервенираат како мировници, барем на западниот брег каде го распоредија и Источен Ерусалим. Ова да биде првата фаза, а втората да биде – сите фактори да седнат и да поразговараат. Мислам дека можеби е и доцна да се разговара за концептот на двете држави. Искрено не знам како ќе ја решат оваа неповратна ситуација од територијален аспект, имајќи предвид дека Израел е многу силен и воено, и политички“, истакна Мевљудин Ибиши.
Аналитичарот Мухамед Халили вели дека поради конфликтот кој ескалираше, страдаат невини луѓе, деца и жени.
„Оние кои страдаат се децата, жените, луѓето, било од Израел, било од Палестина, бидејќи цивилите стануваат жртва на политика, односно на недоразбирање меѓу две држави и пошироко. Станува збор за стратешка геополитика“, посочи Мухамед Халили.
Инаку, државниот американски секретар Ентони Блинкен, вчера ги повика страните во израелско-палестинскиот судир да ги заштитат цивилите и истакна дека САД интензивно работат на завршување на конфликтот. САД побара објаснување од Изразел за напад врз зградата на Новинска агенција Асошиејтед прес и други медиуми. Според информациите на Министерството за здравство, најмалку 212 лица, меѓу кои и околу 100 жени и деца се убиени во Газа. Во Израел пак, како што пренесуваат здравствените власти се убиени 10 лица, меѓу кои две деца.
