Дали и колку треба да се покачи цената на струјата?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Прашањето дали струјата ќе поскапи и колку, беше тема на дискусија во емисијата Бизнис21 на ТВ21, каде свое мислење изнесоа универзитетските професори Рубин Талевски, Антон Чаушевски, Константин Димитров како и Виктор Андонов, член на работната група за енергетика.

Универзитетскиот професор Рубин Талевски вели дека ако се следи пазарната логика, поскапувањето е за очекување. Но, како што објаснува, сè зависи од тоа колку ќе понуди ЕСМ.

„Ако понудата биде 60, 70 или 80 евра по мегават-час, тогаш ќе има поскапување. Но, ако понудат 50 евра – цената може дури и да се намали“, вели Талевски.

Неговиот колега Антон Чаушевски е поодлучен – според него, зголемувањето е неминовно.

„Цената треба најмалку 10 до 20 отсто да се зголеми, бидејќи тоа ја одразува реалната производна цена на електричната енергија. Прашањето е само дали Владата ќе биде подготвена повторно да субвенционира“, истакнува Чаушевски.

Од друга страна, Виктор Андонов, член на работната група за енергетика предложен од СДСМ, апелира да не се избрзува со бројки.

„Не е коректно однапред да се рецитира со проценти. Цената за граѓаните зависи од тоа како ќе работи ЕСМ и колку Владата ќе може да поддржи. На крајот, таа е таа што ги штити граѓаните“, порача Андонов.

И професорот Константин Димитров е на став дека зголемувањето е реална опција.

„ЕСМ не може да опстане со оваа цена. Не може ниту да се развива, ниту да враќа кредити. Владата е во тешка позиција – зголемувањето не е популарно, но е потребно“, вели Димитров.