Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, објасни дека набавката на нафта за ЈСП – Скопје е заглавена поради одлука на Бирото за јавни набавки, кое ја поништило постапката. Според неа, постапката била спроведена според сите законски норми, но политиката е главниот фактор што ги блокира набавките.
Таа посочи дека доколку кризата продолжи, граѓаните повторно ќе се соочат со прекин на јавниот превоз. Одлуката за идната стратегија, како и за решавање на проблемите со приватните превозници, останува кај Советот на Град Скопје, каде мнозинство има ВМРО-ДПМНЕ.
Арсовска истакна дека ЈСП се соочува и со долгот од Министерството за образование за бесплатниот превоз за студенти и ученици, што може да достигне 10 милиони евра до почетокот на следната година. Таа повика на јасно објаснување од надлежните институции дали се планира поддршка за студентскиот превоз.
Осврнувајќи се на нејзиното работење, Арсовска изјави дека реализирала над 200 инфраструктурни проекти, како и уште стотици иницијативи во интерес на граѓаните, нагласувајќи дека тоа ќе биде нејзиното наследство како градоначалник.