Дали Меџити цели кон младите на ДУИ? Млади на ДУИ: Стоп за урбанистичкиот хаос во Чаир!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дали Меџити ја таргетира структурата на ДУИ, почнувајќи од младите?

Додека Интегративците почнаа со реформи и проверка во партијата, лидерот на Демократското движење упати јавен апел до младите од Демократската унија за интеграција да станат дел од неговата партија.

„Вистинскиот дух на ДУИ е во рамките на Демократското движење, така што на обичниот член, посветениот член, на оние млади момчиња и девојки кои направија политичка, административна кариера, не им беше дадена можност, така што тие доаѓаат секој ден и јас ги поканувам секој ден – нека дојдат да станат дел од Демократското движење, дел од ВРЕДИ затоа што ова е политичката формација што од сега па натаму ќе ја води албанската политика на Република Македонија“, изјави Меџити.

Токму младите на ДУИ денеска ја изразија својата загриженост за, како што го нарекоа, урбанистичкиот хаос во Чаир, општина која што е бастион на ДД и е предводена од кадар на оваа партија, Висар Ганиу.

„Чаир се дави во градби без критериуми, а општината молчи. Патиштата се уништуваат, инфраструктурата пропаѓа, а граѓаните имаат се помалку простор за достоинствено живеење. Никој веќе не знае кој дава дозволи, кој гради и кој има корист од овој организиран хаос. Но, едно е јасно: граѓаните се жртви, а владата и нејзината клиентела имаат придобивки“, изјавуваат младите на ДУИ.

Инаку, Меџити беше една од клучните фигури на ДУИ повеќе од две децении. Тој ја напушти партијата во 2023 година по незадоволство од неговата позиција. Потоа го создаде Демократското движење и се приклучи на опозициската коалиција ВРЕДИ. Оваа конфронтација меѓу Меџити и ДУИ се очекува да се интензивира во наредните месеци, особено во пресрет на локалните избори.