Дали Мицкоски е сериозен овојпат? – Вели дека има 61 глас и може да го распушти Собранието

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека има 61 пратенички глас за гласање за рушење на Владата. Тој уверува дека добил сигнали од неколку пратеници од парламентарното мнозинство, кои, како што вели, не се задоволни од работата на министрите на оваа Влада.

Мицкоски не сакаше открие за кои пратеници станува збор, бидејќи, како што рече, можно е да се врши притисок врз нив. Како можен датум за одржување на предвремени парламентарни избори го спомна 14 или 21 мај следната година.

Од СДСМ велат дека изјавите на Мицкоски се само лаги на кои не треба да им се верува. Во однос на прашањето за предвремени избори, од владејачката партија се децидни дека изборите ќе се одржат во 2024 година.

„Мицкоски ја завршува годината исто како што ја започна. И во јануари оваа година го слушавме истото, се покажа дека е лага. Едноставно, после сите лаги во 2022 на Мицкоски не може да му се верува. Изборите ќе бидат во 2024 година“, велат од СДСМ.

Обид за рушење на Владата, ВМРО-ДПМНЕ имаше и во ноември 2021 година, но безуспешно, бидејќи на денот на гласањето не се појави пратеникот на Движење Беса, Кастриот Реџепи, сега независен пратеник во Собранието.

Засега незадоволство од извршната власт јавно искажаа пратениците на т.н. „огнената група“, Изет Меџити и Мерита Коџаџику, како и Кастриот Реџепи. Во меѓувреме, Скендер Реџепи-Зејди одамна не е дел од Алтернатива.