Дали Христијан Мицкоски ги условува албанските партии за бришење на терминот 20% од Уставот со бришење на принципот на Бадинтер и балансерот? Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, продолжува да ја повторува истата реченица – ако зборуваме за проценти, да зборуваме и за Бадентер и балансерот.
Зијадин Села со одговор на ваквиот став на Мицкоски. Првиот човек на Алијанса за Албанците вели дека ако нема Бадентер, тогаш има дводомен парламент.
„Ако ме прашувате за отстранувањето на дефиницијата 20% и Македонија да се дефинира како држава со два службени јазици – албански и македонски, да, јас ќе го поздравам секој политичар кој е подготвен да седнеме и да разговараме на оваа тема. Во однос на другите теми кои ги отворате како што е Бадентер и балансер, ако некој политички чинител има на ум некаков друг механизам кој ќе ја запре мајоризацијата и е поефикасен од Бадентер, да, подготвени сме да разговараме. Дури ние имаме и предлог, ако нема Бадентер, да има дводомен Парламент“, вели Зијадин Села.
Артан Груби од ДУИ, за ТВ21 рече дека темите за бришење на принципот на Бадентер и балансер, се теми кои бараат да бидат третирани со посебно внимание.
„Станува збор за доста сериозни и суштински прашања во духот и словото на Охридскиот договор кои спречуваат маргинализација и надгласување на другите заедници од мнозинството во Собрание. Целосната еднаквост и правичната и соодветна застапеност мора да се третираат со посебно внимание секој ден и со голема посветеност“, посочи Артан Груби.
Инаку, првиот човек на интегративците, Али Ахмети пред неколку дена во изјава за РТВ21 рече дека бришењето на 20% е прашање на време и дека со тоа се согласуваат и македонските партии.
„Ова не е проблем. Разговарано е и разгледано како тема. За македонските политички партии ова не е пречка. Прашање на време е кога ќе се отвори Уставот за други измени и ова прашање е на дневен ред да се промени“, истакна Али Ахмети.
Премиерот Димитар Ковачевски е на став дека има основа за уставни измени и дека за ова е потребно национален консензус. Инаку, Бадентер е уставна категорија утврдена со Охридскиот договор, која предвидува двојна поддршка од пратениците од пратениците од немнозинските заедници во Собранието, за систематски закони кои ги засегаат интересите на заедниците.
