Премиер Албанец, така го нарече вчера претседателот на огранокот на ДУИ во Чаир, Беким Незири, првиот вицепремиер од редовите на ДУИ, Артан Груби. А Груби се насмевна заедно со претседателот на партијата, Али Ахмети.
Но што сакаше да каже Незири кога Груби го нарече премиер? Тоа го објасни во Клик Плус.
Беким Незири: Јас не го прогласив првиот вицепремиер, премиер на земјата но доколку се гледа од таа гледна точка бидејќи тој е во функцијата прв вицепремиер, што е највисоката функција.
-Значи, во таа смисла сте кажале! Не сте алудирале дека можеби тој ќе биде премиер на техничката влада?
Беким Незири: Не, не! ДУИ има свои структури кои одлучуваат и верувам дека кога ќе дојде времето за да се одлучи за следниот премиер Албанец, јавноста ќе биде известена.
Но кој ќе биде првиот премиер Албанец? Лидерот на ДУИ, Али Ахмети лично ги демантираше гласните дека оваа функција му ја понудил на претседателот на АА, Арбен Таравари.
„Секако дека тоа го демантираше и г. Таравари. Тоа е лажна вест и нема врска со вистината“, вели Али Ахмети.
Го прашавме дали Фатмир Битиќи или Насер Зибери се потенцијални кандидати?
„Се уште не сум размислил за тоа, но не верувам дека ќе биде некој надвор од ДУИ. Г. Зибери сега е народен правобранител“, додаде Али Ахмети.
Ахмети додаде дека овој договор е меѓу СДСМ и ДУИ и предлогот на ДУИ за премиер Албанец ќе се консултираа со таа партија.
