Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, зборувајќи за незадоволството на „огнената група“, изјави дека во ДУИ отсекогаш имало демократија секој да го каже своето различно мислење, но, тоа е се додека не се премине една граница на анархија, инаку мора да се преземат мерки!
„ДУИ е позната и препознаена по внатрешното демократија, по можноста различни луѓе да претстават различни идеи коишто се разликуваат од мнозинството. Но, тоа е се додека не се премине една граница на анархија. Тогаш секоја организација си презема мерки за да си го зачува функционирањето. Имам чувство дека веќе сме на таа граница иако таа култура во ДУИ секој да го искаже ставот и јавно, дури и да е различен од мнозинскиот, ќе ја охрабриме, но одлучувањето ќе остане со мнозинско одлучување“, вели Бујар Османи.
Од митингот организиран од огнената група синоќа во Куманово, Муса Џафери изјави дека и тој не се чувствува добро за тоа што се случува во ДУИ, но додаде дека во партијата се затворени сите канали за комуникација.
„Не претставуваат како фракција. Лекарите со фракција подразбираат скршеница, како на пример скршена рака, но ние не сме така. Треба да бидеме сфатени правично. За жал ние дијалог водиме преку митинзи, всушност дијалог нема во нашите органи. Ние не сме среќни што зборуваме преку митинзи, медиуми, прес конференции. Ни ги затворија сите канали. Ние побаравме да ни се даде отчет за направените работи“, додава Муса Џафери.
И според Невзат Бејта, никој не може да ги исфрли од партијата бидејќи тие дале многу труд и многу се жртвувале за таа партија.
„Никој не може да ни каже заминете од куќата бидејќи ние 20 години заедно со членството и албанските гласачи сме се пожртвувале само за доброто на ДУИ“, додаде Невзат Бејта.
Од друга страна, од тетовското Селце, потпретседателот на ДУИ, Арбр Адеми, испрати порака до огнената група.
„Ние повикуваме за мисии, а не за функции. Секако дека постои опасност да излеземе од мисијата ако јас како Арбр Адеми велам Крешник Бектеши да не биде министер за економија туку јас да бидам. Да не биде Артан, туку јас. Да не биде Бујар, Назим итн“, вели Арбр Адеми.
Двете групи на ДУИ продолжуваат со средбите со граѓаните и нивните поддржувачи. Ахмети и министрите под слоганот „Заедно за Европа“ неделава ќе бидат во Тетово, а огнената група утре ќе биде во Скопје.
