Лето полно со протести, најави првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Но, очигледно за лето го смета само месец јули, бидејќи во август протести нема.
Откако францускиот предлог помина во Собранието, се се врати во нормала. Очигледно прогнозата на овој демонстрант се оствари.
Сега ВМРО-ДПМНЕ го поминува август со прес конференции, обвинувајќи ја власта за неспособност и лоши политики.
Најверојатно враќањето на опозицијата ќе се случи на крајот на август кога ќе заврши годишниот одмор на Собранието. На крајот на јули Мицкоски рече дека е задоволен од активната блокада што ја направија во законодавниот дом.
На прашањето каде се најавените протести, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, не ни даде директен одговор, туку само потсети дека „летово имаше поинтензивни и помасовни протести против францускиот предлог и овие протести сериозно ја разниша власта која се држи на стаклени нозе.
Инаку, ВМРО-ДПМНЕ претходно постојано бараше предвремени избори, но сега се чини дека ова барање е во втор план, бидејќи најголем фокус на опозициската партија е барањето за референдум за францускиот предлог, барање за кое власта не сака ниту да слушне.
