Реткото историско возило Ford Model T од 1923 година, старо 103 години, го привлече најголемото внимание на изложбата на олдтајмери што вчера се одржа во Велес, во рамките на годинашната „Питијада 2026“. Изложбата ја организираше здружението „Kings of the Streets“, а посетителите со воодушевување го разгледуваа автомобилот кој потсетува на возилата од немите филмови со Чарли Чаплин.
Многумина за првпат имаа можност да видат ваков модел во живо, па фотографирањето покрај историскиот автомобил беше неизбежен дел од посетата.
Ford Model T е во сопственост на битолчанецот Драганчо Богевски Попето, кој го донел од Соединетите Американски Држави. Според сопственикот, возилото е целосно исправно и ја задржало својата автентична состојба. Станува збор за кабриолет со карактеристични дрвени бандажи и специфичен систем на управување со педали, кој може да достигне брзина до 45 километри на час.
На изложбата беа претставени околу 70 исправни олдтајмери од Македонија, Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина. Посетителите имаа можност да разгледаат автомобили од 50-тите, 60-тите и 70-тите години на минатиот век, меѓу кои модели на „Опел“, „Ситроен“, „Фолксваген буба“, „Рено“ и други производители.
Особено внимание привлекоа и легендарните автомобили од поранешна Југославија, како „Стојадин“, односно „Застава 101“, и популарното „фиќо“ – „Застава 750“. Овие модели предизвикаа интерес кај помладите посетители, но и носталгија кај повозрасните, кои се потсетија на времето кога ваквите автомобили беа неизоставен дел од секојдневието.
Меѓу изложените возила беше и францускиот „Пежо 203“ од 1951 година, во бела боја и во исправна состојба. Автомобилот во Велес го донесоа браќата Александар и Андреј Мирчевски, а го реставрирал нивниот татко Борче Мирчевски, страствен колекционер и мајстор за реставрација на олдтајмери.
Борче Мирчевски е и еден од основачите на здружението „Кралеви на улиците“, кое ја организира изложбата како дел од велешката „Питијада“. Манифестацијата за првпат беше одржана во 2016 година и со текот на годините прерасна во традиционален настан што ги собира љубителите на старите автомобили од земјава и регионот.
