Дали се заборави на влезот на АА во Владата? – Молк од двете страни за преговарачкиот процес

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Влезот на Алијанса за Албанците во Владата очигледно е во мирување. По интензивен период кога се зборуваше за проширување на владината коалиција, сега партиите молчат. Дека нема поместувања во оваа насока пред неколку дена потврди и претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.

„Немаме такво нешто, мислам дека оваа тема треба да ја оставиме вака, ако има епилог, ако нема, не мислам дека треба да претеруваме“, вели Арбен Таравари.

ТВ21 неофицијално дознава дека премиерот Димитар Ковачевски побарал од АА време да се договори со коалициските партнери за поделба на ресорите, односно кој би ослободил некое министерство или евентуално да разменат меѓу себе за да направат биланс, по што би подготвиле понуда до АА.

Но, Таравари во текот на оваа недела навести и нешто друго. Тој претпочита АА во Владата да влезе по изборите.

„Немаме нешто дека влегуваме во Влада, ова не е нешто што сме го решиле, така што не сум разговарал за тоа, ако влеземе, кога и да влеземе, по избори или пред избори во Владата, Јас претпочитав по изборите да влеземе во Влада и да формираме Влада, се разбира дека нема да биде институција која не треба да се истражува и контролира, всушност треба да се направи проверка во сите институции“, порача Арбен Таравари.

Иако веќе помина извесно време, понудата за АА се уште не е подготвена. Ја прашавме Владата до каде е процесот, но ни рекоа дека нема ништо ново од последниот одговор на премиерот Ковачевски.

АА постојано повторува дека каква и да е понудата од Владата, ќе ја разгледаат партиските органи и потоа ќе излезат со одлука. Инаку, АА на 24 декември ќе одржи партиски конгрес на кој ќе го избере новиот претсесател, функција за која засега кандидатура има поднесено само Арбен Таравари.