Координаторите на пратеничките групи во најскоро време треба да се договорат околу она што беше разговарано на вчерашната лидерска средба за изборот на новиот Народен правобранител кој беше блокиран од Европскиот фронт бидејќи не се согласуваа со предлогот. Претседателот на Собранието Африм Гаши вели дека очекува во брзо време да се предложи решение кое ќе биде прифатливо за сите, но и да се постигне договор за поддршка на Законот за прекршоци.
„Очекувам дека денеска веднаш ќе има средба на координаторите во Собрание и ќе почнат со работа да ги усогласат законите за кои се договориле да ги донесеме што побргу. Можно е денеска – утре да имаме решение“, порача Африм Гаши.
Покрај за Народниот правобранител треба да се изгласа и Законот за прекршоците односно таканаречениот Сејф сити систем, за кој исто така беше дебатирано на лидерската средба. За овој закон е потребно двотретинско мнозинство што значи и поширок политички консензус. Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски вели дека е постигнат договор.
„Најважните работи се разјаснети договорено е пратениците на коалицијата предводена од ДУИ да ја дадат поддршката на измените во Законот за прекршоци. За овој договор ќе го информираме претседателот на Собранието Африм Гаши со цел веќе утре да се свика седницата на која ќе се изгласаат промените“, вели Никола Мицевски.
Но ова го демантираат од СДСМ. Координаторот на пратеничката група Оливер Спасовски за ТВ21 рече дека тој не бил поканет на координацијата, но и дека не е постигната согласност и затоа утре нема да има седница за овој закон.
„Не сум бил на таа координација бидејќи не бевме поканети. Присуствуваа ВМРО-ДПМНЕ, Левица, ВЛЕН и ДУИ. Според информациите што ги добив, првично ја најавија седницата за утре, но потоа ја откажаа затоа што немаат мнозинство. Очигледно некој не се согласува“, вели Оливер Спасовски.
За ова вчера премиерот Мицкоски рече дека законот за прекршоци е приоритет кој треба да се изгласа за да може да профункционира системот од први февруари.
