АА на Зијадин Села се уште не одлучила како ќе настапи на избори, дали сама или со ДУИ. Од оваа партија за ТВ21 велат дека чекаат да се конституираат партиските органи и потоа да преговараат. Од друга страна и другите две албански политички партии Народното Движење на Скендер Реџепи-Зејди и ЕДП на Арјанит Хоџа ја чекаат одлуката на АА за да го преземаат следниот чекор. Зејди дава сигнали дека постои веројатност да се формира широк политички блок и затоа преговорите траат долго.
„Се уште не завршиле разговорите во врска со можните коалиции, поради околностите и политичките случувања. Како што изгледа има тенденција за широк политички блок и во овој правец е разбирливо и долгото траење на разговори.“, вели Скендер Реџепи.
Конечна одлука не донела ниту партијата на Арјанит Хоџа, ЕДП, но тие се убедени во едно нешто – ќе формираат победничка коалиција.
„Иако се уште нема ништо конкретно од аспект на позиционирањето, тоа што можам да ви го кажам е дека сме кон финализацијата за да заокружиме победничка коалиција која ќе биде гаранција за патот на земјата кон ЕУ и политичката заштита на унапреденото позиционирање на албанскиот политички фактор во сите институции во земјата.“, рече Хоџа.
Инаку како што дознава ТВ21 Алијанса за Албанците (АА), крилото на Зијадин Села ги зголемила амбициите и бара од ДУИ 3 до 5 пратеници за да одат со заеднички листи на избори. Но, како што изгледа ова му предизвикува проблеми на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, внатре партијата. Група сопартијци изразиле загриженост до Ахмети дека ДУИ многу им нуди на потенцијалните коалициски партнери. Извори со кои разговараше ТВ21 велат дека се обидуваат да го убедат партиското раководство дека е подобро да одат сами на избори, отколку да им дадат многу пратеници на коалициските партнери кои, доколку настапат сами на избори, како што вели изворот, не можат да добијат повеќе од 1 или 2 пратеника.
