Даниловски: Граѓаните да не прават фешти, целосен карантин за помалку позитивни и починати од Ковид

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Начинот за намалување на бројот на позитивни и починати од Ковид-19 е само со краткотрајно спроведување на 24 часовен карантин односно полициски час во текот на еден викенд или 3-4 дена, смета професорот д-р Драган Даниловски. Според него, ова до сега не било спроведено, но дали ќе се спроведе зависи од Комисијата за заразни болести која го советува министерот.

„Луѓето треба да се освестат дека сам ако не си се чуваш, никој нема да те чува, конечно за ова граѓаните треба да им проработи свеста. Затоа што законски и држењето растојание ни се единственото решение дури не се најде ефикасен лек или вакцина. Загрижен сум што ќе значи тоа за текот на епидемијата. И би апелирал граѓаните да не прават фешти, да си прослават во најтесниот круг на семејството во име на сопственото здравје и блиските, затоа што ќе има прилика и наредните години за славење.“, рече Даниловски.

Професорот Даниловски смета дека за време на пандемијата голема улога игра колективната свест, како и институциите кои немаат доволна контрола на пропишаните мерки.

„Народот и кај нас и во светото е ист. Колективната свест, прашање е зошто толку е на ниско ниво и тоа е прашање за идни анализи за психолози, социолози и психијатри. Од каде такво ниско ниво на емпатија, совест, самоконтрола, љубезност, толерантност, кај младите, тоа е прашање. Веројатно една од причините е квалитетот на образованието или неквалитетот и воспитувањето во тек на децении наназад. Оваа криза е прилика да се согледаат сите овие недостатоци и понатаму за новиве генерации да се направи нешто.“, рече Даниловски.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје хоспитализирани се 38 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, утрово имало 40тина слободни места. Вкупно 480 лица сомнителни и потврдени за КОВИД -19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град. Голем дел од нив се на кислородна поддршка.

Во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 816 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот.

Воедно, од Министерството за здравство соопштија дека дванаесет лекари и 20 медицински сестри од Воено медицинскиот центар на Армијата, од денеска се вклучуваат во работа на Интерните клиники каде има неколку ковид оддели.