Даночните приходи во 2025 година биле 96% од планираното, потфрлања има кај игрите на среќа и придонесите за пензиско

НАЈНОВИ ВЕСТИ


Даночните приходи во 2025 година биле собрани 96 отсто од планираното. Според министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, од овие приходи се финансира функционирањето на државата и во најголем дел од планираното е реализирано. Но, потфрлања има кај придонесените за пензиско осигурување, каде што се собрале два отсто помалку од планираното. Според министерката, се уште се утврдува зошто тука има чудно потфрлање, бидејќи кај другите придонесени, за здравствено и за вработување, наплатата надминала 100 отсто.

„Имаме во еден сегмент по мене, малку помала наплата, но и во тој дел работиме, тоа е во делот со игрите на среќа, каде што веќе работиме и на тоа да воведеме нов систем, бидејќи очигледно е дека постоечкиот систем кој што го имаме во Управата за јавни приходи не функционира или не е добар, така што и тука сме фокусирани, ќе работиме на имплементација на нов систем“, изјави Димитриеска-Кочоска.

Данокот на додадена вредност е собран 100 отсто, додека персоналецот 97 проценти. Но, потфрлање има кај акцизите, бидејќи се предвидувало повисока цена на нафтата на светските берзи, а не пад, а се собрале помалку и други увозни давачки.

Но, главниот проблем зошто вкупните приходи во 2025 каде што влегуваат даноците, придонесите и неданочните приходи, се нешто над 92 отсто, Гордана Димитриеска Кочоска ги лоцираше во тоа што добар дел од институциите не си ги собрале своите изворни приходи.

„Државниот завод за ревизија излегуваше со одредени извештаи кај што кажуваше одредени институции не успеале да приберат приходи, дали било за концесии или најразлични основи, тоа се тие приходи за кои се грижат поедини институција. Но тоа не ги попречувало институциите да ги трошат парите, затоа што тие пак имаа и на сопствени сметки пари, тоа е оно што го зборуваме во континуитет.“, кажа Димитриеска-Кочоска.

Министерката не сакаше да каже кои институции не ги собрале своите изворни приходи, но за илустрација, вакви средства собираат министерствата за енергетика, за внатрешни работи, правда, животна средина, но и фирмите во државна сопственост.

По ова потфрлање од скоро осум процентни поени во минатата година, прашање е како во оваа 2026 година ќе се соберат дополнителни 12,4 повеќе приходи, односно од каде ќе се најдат пари за да се соберат планираните 100 отсто. Според министерката, има решение.

„Се уште ги немаме добиено извештаите од ММФ кои работеа на анализа, но кажуваат дека даночното ослободување во државата се 4,75% од БДП, што значи многу повисоки од 4% дефицит колку што завршивме, а имаме даночни ослободувања. Тие се оние што ги гледаме, а тие што не ги гледаме, што се во зоната на сива економија, има простор таму.“, изјави министерката Кочоска.

Инаку, како суштинска алатка за боба против сивата економија која се проценува на 30 отсто од бруто домашниот производ или во пари околу пет милијарди евра за кои што не се плаќаат никакви даноци и давачки, од денеска стартуваше тест периодот на Е – фактура. Во наредните девет месеци сите компании ќе треба да се прилагодат и да се обучат за користење на оваа алатка на Управата за јавни приходи. Според УЈП, таа е едноставна и сите компании, дали мали, средни или големи, ќе можат да ја користат.