Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оцени дека измените на Законот за Владата кои се однесуваат на техничката влада се неуставни, како при нивното донесување, така и денес.
Таа ја поддржа иницијативата техничката влада да биде укината од следните избори, но нагласи дека за тоа е неопходен политички дијалог, слично како и при нејзиното воведување.
Според неа, концептот на техничка влада во земјава отстапува од меѓународната пракса, бидејќи наместо експертска, таа функционира како политичка влада, што го доведува во прашање нејзиниот основен принцип – обезбедување фер и демократски избори.
Сиљановска-Давкова најави дека ќе го потпише указот за законот, но посочи дека е потребна јавна дебата за да се согледаат сите аспекти на решението.
