Деаноски: Увозот на работници не е решение – По еден месец или два и тие ќе заминат во земјите од ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нема големи очекувања од најавите на вицепремиерот Фатмир Битиќи дека недостигот од работници во Македонија ќе биде покриена со увоз на работна сила од други земји. Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски во неделното интервју за Радио Слободна Европа вели дека ова ќе биде само отскочна даска на работници од Бангладеш или Пакистан преку нашата земја да заминат во земјите од Европа.

„Мислам дека за еден месец би можело, меѓутоа кога ќе дојдат тие вработени од надвор, од каде и да доаѓаат, имаше еден податок, од Бангладеш, Пакистан, ќе останат во нашата држава еден месец и после ќе им биде отворена вратата за заминување во западноевропските земји каде што исто така има потреба од голем број на работници а имаат поголеми плати. Жално е да се каже дека иако предупредувавме цела мината година и неколку години претходно дека во секоја област во државата ни фалат работници особено во областите како што е градежништвото, угостителство и туризам, државата спиеше“, вели Трпе Деаноски.  

Вицепремиерот Фатмир Битиќи неделава изјави дека се повеќе и повеќе компании се жалат дека многу тешко наоѓаат работна сила и дека недостигот изнесува околу 10 илјади работници. Решението го гледа во увоз на работници кои во својата земја имаат просечна плата од 200 евра.

„Бегаат за секако повисоки просечни плати, просечната плата кај нас стигна 550 евра, платата во која што одат да работат е 1.100 евра, а земјите од кои што ќе доаѓаат најверојатно работници во рударство па и во градежништво е просечна 200 евра, така што тоа е природен циклус на движење на работна сила за подобро“, порача Фатмир Дехари.

Засега Владата се уште е во разговори со стопанските комори од кои гранки да се донесат работници. Најзагрозени се градежништвото, ниско и високоградба, како и хотелиерството и туризам, сектори од кои најмногу наши работници одат не само како сезонски работници, туку и остануваат во земјите од Европската унија каде има многу повисоки плати и подобри услови за работа.