Вечерашното издание на емисијата „Бизнис 21“ на ТВ21 послужи како платформа за дебата за иднината на минималната плата во државата. Во дискусијата учествуваа заменик-министерот за економија Марјан Ристески, синдикалците Слободан Трендафилов и Благоја Ралповски, како и Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.
Учесниците потсетија на патот на Законот за минимална плата, кој од неговото донесување во 2011 година, претрпе клучни измени во 2022 година по силниот притисок од синдикалните протести. Со тогашните измени беше воведена нова формула за годишно усогласување, базирана на три параметри:
- Растот на бруто-домашниот производ (БДП);
- Порастот на просечната плата во земјата;
- Зголемувањето на трошоците за живот.
Иако тековната методологија предвидува усогласување од околу 300 денари годишно, во дебатата беше истакнато дека ваквиот пораст не е доволен за да го следи темпото на реалниот живот. Цените на електричната енергија и основните прехранбени производи постојано растат, а граѓаните немаат механизам за контрола врз овие трошоци на начинот на кој се преговара за висината на платите.
Заменик-министерот Ристески упати критика до економскиот амбиент, нагласувајќи дека продуктивноста мора да стане клучен фактор во пресметките.
Според него, сериозен предизвик за натамошен пораст на платите е фактот што Македонија моментално се наоѓа на самото дно во Европа според степенот на продуктивност на работната сила.
Целата изјава во продолжение:
