На четиричлено семејство во јуни му биле потребни минимум 68.654 денари за да преживее – покажа синдикалната минимална кошничка. За храна биле потребни 25.120 денари, а за режиски трошоци 6.379 денари.
„Споредена со вредноста на синдикалната минимална кошница за месец мај 2026 година која изнесува 68.742 денари е намалена за 88 денари. Со изнајмен стан од 60 квадрати за месец јуни изнесува 84.024 денари“, велат од ССМ.
Премиерот Мицкоски вели таа е просечна, а не минимална кошничка. Министерството за економија изработило минимална кошничка која наскоро ќе ја објави. Вели ние сме меѓу земјите во регионот со најниска инфлација. Очекува цената на горивата во понеделник да падне и тоа 4 денари за бензините и 7 за дизелот. А со смирување на кризата, по најавите за примирје меѓу САД и Иран и деескалација на конфликтот на Блискиот Исток, инфлацијата кај нас да падне под 4 проценти.
„Мај месец, да речеме во соседството ние мораме со соседството да се мериме, Грција е над 5 проценти инфлација, Бугарија е над 6 проценти инфлација, Романија е близу двоцифрен број проценти инфлација. Истото е и Косово и Хрватска. Нешто пониска меѓу 3 и 4 се Албанија и Србија. Така што ние сме меѓу најниските во регионот“, вели Мицкоски.
Владата ќе следи и дали ќе се намалат цените на другите производи, откако дел од бизнисите најавија дека цените нема да одат така брзо надолу и покрај завршувањето на кризата. Премиерот ги свика на состанок. Во понеделник повторно на маса ќе седнат со маркетите и дистрибутерите. Мицкоски вели пак ќе испратиме силна порака во начинот на нивното однесување на пазарот. Кажа и дека се при крај законските измени со кои казните се десеткратно зголемени за трговците кои ќе манипулираат со цените.
