Дебата за Липково – депонијата во Никуштак главна тема меѓу Арифи и Садику

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дебатата за општина Липково најмногу се фокусираше на депонијата кај селото Никуштак, која со години ги труе жителите на околните села. Кандидатот на НАИ и актуелен градоначалник на оваа општина, Еркан Арифи, вината ја насочи кон Министерството за животна средина.

„Министерството за животна средина и Владата не ги извршија обврските што ги презедоа за изградбата на регионалната депонија. Министерството за животна средина потпиша договор за одржување на таа депонија со рок од 6 месеци, а веднаш за 20 дена донесе уредба за затворање на таа депонија, што е уредба за дневна политика, затоа што 82 општини на државно ниво имаат ист статус како таа депонија и единственото решение е на институционално ниво“, вели Еркан Арифи од НАИ.

Неговиот противкандидат од ВЛЕН, Неџмедин Садику, рече дека за 8 години додека Арифи бил градоначалник, требало да се најде друго место за депонијата, што е можно подалеку од населените места.

„Спорно е и затоа што иако има одлука од Владата, спорна е близината на депонијата што е дозволено да се направи толку блиску, што сериозно го оштети особено селото Никуштак и околните села. Требало да се најде место за да се создаде депонија најмалку 3 км оддалечена од населените места, поради непријатниот мирис, пожарите што се предизвикуваат, поради собирањето на кучињата скитници. До овој момент не е најдено соодветно решение“, вели Неџмедин Садику од ВЛЕН.

Инаку, пред неколку дена оваа депонија беше исчистена и потоа затворена со одлука на Министерството за животна средина и просторно планирање.