Обвинителката Лидија Раичевиќ која и самата беше кандидат за функцијата државен јавен обвинител во своето обраќање најмногу се задржа на финансирањето на Обвинителството. Таа истакна дека процентот од 0.4% од целокупните даночни приходи е недоволно што ќе придонесе платите да бидат мали со што се урива достоинството на јавните обвинители.
„Достоинството на јавниот обвинител започнува со неговата плата. Постојат одредби во законот кои што се однесуваат на гаранциите дека платата на јавниот обвинител не смее да се намали. Меѓутоа постои препорака колкав треба да биде приходот од даночни приходи, од други приходи одвоен за Јавното обвинителство и тој процент не е испочитуван“, рече Раичевиќ.
Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур Маргарита Цаца Николовска забележа дека голем дел од законот е непрецизен особено делот во кој се предвидува разрешување на јавните обвинители.
„За мене, а, мислам и за голем дел на правници ова е нешто кое што ќе направи голем проблем во утврдување на суштината на содржината на ова. Што значи сериозно нарушување на јавен ред, што значи крајно недолично, сето тоа, да не го елаборирам истиот текст ќе биде крајно проблематично“, изјави Николовска.
Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешнел Македонија говореше за тоа дека препораките на ГРЕКО за кои говориме дека се имплементираат со воведување на дисциплинска постапка се од пред повеќе од 10 години. Јас кога го читав овој закон не добив впечаток дека ние се движиме во насока на создавање на современа јавна обвинителска институција, истакна таа.
„Ние немаме во овој текст на закон како да нема ни намера да се направи современо Јавно обвинителство туку се држиме на она што ние си го знаеме затоа што така сме навикнати, затоа што така ни е добро и знаеме како тоа функционира. Сето друго е нешто ново. Светот оди напред. Ние зборуваме за интероперабилност, дигитализација што уште се мислени именки.“, вели Тасева.
Предлог законот за Јавно обвинителство е дел од реформската агенда и тој веќе ја помина првата фаза, односно Собранието ја усвои потребата од негово донесување. На оваа седница министерот Игор Филков рече дека со овој законски текст поефикасно се уредува јавнообвинителскиот систем кој е усогласен со европските стандарди.
